СКЕЛЕТИ ОД СКЕЛИЊА

Како нем сведок останаа дрвените или метални скелиња на кои летово на припекот се сушеше зелениот тутун во низи. Тутунот сега, со златно жолта боја, се пегла и се става во кутии за откуп. Низ целиот град има празни скелиња. Повеќето се кренати од стари дрвени летви, кои ќе изгнијат или ќе изгорат уште пред Коледе, ако домаќините не ги приберат на време.

Сефте не им е на тутунарите. Го знаат тертипот. Си тераат по свое без да водат сметка дека ако лете скелињата се своевиден “украс”, симбол и препознатлив знак на градот, зиме ги девалвираат тенденциите на градските власти градот да добие европски карактеристики.

Loading