“ПРЕСУДЕН ДЕН”

На фотографијава е улицата “Октомвриска”, која во вторник и четврток е збирно, почетно место за сите идни возачи. Автомобили од сите авто-школи на едната страна за полагање градско возење за Б категорија, и камиони со или без приколки за Ц и Д категорија на другата страна ја сардисале фреквентната сообраќајница.

Како пред секој испит, така и во овој случај, “студентите” за идни возачи ги фаќа нервоза и во групи делат искуства. Дали ќе се погоди комисијата од добри луѓе, која траса ќе ја одберат, кои се еднонасочни улици… Трема колку сакаш. Се тресат нозете и се сопира мозокот. Сето ова им врви низ глава на идните шофери, зашто овој им е последниот тест да стигнат до возачка дозвола.

Нужна е ригорозноста, потребна за вклучување во сообраќај. Па, комисијата го следи секое движење на студентот. Ретки се тие што од “прва” добиле позитивен одговор, па има и “ветерани”, кои сеат непотребен страв кај тие кои првпат полагаат. Дали ќе добијат виза за возачка или ќе го чекаат законскиот рок за втор обид по две недели, зависи само од нив.    

Loading