ИСПОВЕДТА НЕ Е САМО ЗА КАТОЛИЦИТЕ

Христијанската вера е начин на живеење според Божјите правила. Секое прекршување е грев. Всушност, нема човек кој нема грев и кој не може да погреши. Единствен без грев е само Господ Исус Христос.

Исповедта е света тајна во Христијанската црква. Ја одржуваат и православните и католиците. Значењето е исто, но начинот се разликува. Кај католиците, како што многупати гледаме во филмовите, се извршува преку преграда, не лично, како кај православните. Во православното христијанство, исповедта се извршува пред свештеникот, лично, а Бог е невидливо присутен. Гревовите кои се кажуваат на свештеникот при исповедта, всушност се искажуваат пред Бога. Свештеникот има власт од Бога, каква што дал Господ Христос на апостолите, да ги простуваат гревовите.

Што донесува исповедта – покајанието во животот на човекот? Тоа е чистење на гревот, хигиена на тежината на лошите мисли и дела. Исповедта не смее да се врши формално, туку искрено. Не смее свесно да се прикриваат гревовите, а свештеникот ќе се сидри со Каноните, ако чуеното при исповедта да го кажува или го пренесува на други. Важно е на исповед да се дојде со скромност, покајание, себеиспитување. Потребна е и претходна подготовка во осознавање на грешките и престапите кон Бога, кон другите луѓе или себе си. Верниците многупати не се целосно запознаени кои дела претставуваат грев, а во христијанството и самата помисла на зло е грев.  Затоа свештеникот е тој, кој треба да ги упати верниците.

Познати се доста примери од животот на црквата, како покајанието и исповедта станале почеток на нов живот или враќање на христијанскиот начин на живеење. Кога се пристапува искрено и со вера, исповедта донесува плодови – мир, радост, надеж во Божјата милост, поттик кон добри дела.

Во црквата многупати се присутни луѓе кои преку верата излегле од пеколот на алкохолизмот, дрогата, го сочувале бракот, им дале правилен пример на децата. Голема може да биде улогата на свештениците при исповедта во давањето совет, утеха, упатување во животот.

Многу верници исповедта ја поврзуваат со причеста, која исто така е Света тајна. За тоа треба да се биде подготвен со пост, молитва, покајание – исповед и добри мисли и дела. Но, исповедта може да се врши и посебно, секогаш кога ќе има човек потреба од олеснување, очистување од злото и да добие духовна поткрепа од Бога.

Loading