ДОКУМЕНТ ПРОТИВ ШВЕРЦ СО ЦИГАРИ

ЦАРИНАТА И ТУТУНСКИОТ КОМБИНАТ ПОТПИШАА МЕМОРАНДУМ ЗА СОРАБОТКА

– Усовршување на системите за спречување на нелегалната трговија со тутун и цигари  

Со потписите на меморандум за соработка на првиот човек на Царинската управа на Македонија Ванчо Каргов и на Александар Дерменџиев, директорот на Тутунскиот комбинат, е отворено ново поглавје за борбата против шверцот со цигари и тутун. Меморандумот ги определува механизмите и методите за соработка за спречување и борба против нелегалното производство, промет и шверц на тутун и тутунски производи, вклучувајќи го и производството, дистрибуцијата и продажбата на фалсификувани и криумчарени цигари. Меморандумот, пред сé, се однесува на размена на информации меѓу царинската управа и Тутунскиот Комбинат кои би помогнале во спречување на нелегалната трговија со цигари.

– Цел е намалување на нелегалната трговија со тутун и цигари. Црниот промет со тутун и тутунски производи во Македонија, според некои проценки, е мал и изнесува околу четири отсто. Тоа ниско ниво е завидно и за европски рамки. Сепак, не значи дека не е нужна внимателност, туку е потребно усовршување на системите за спречување. Склучени се меморандуми и со други тутунски комбинати во земјава. Соработуваме со увозниците, извозниците и дистрибутери на цигари – рече Каргов.

Според него, секаде во светот царинските служби се советуваат и соработуваат со бизнис секторот да се унапредат и забрзаат царинските постапки.

– Тоа е и олеснување на увозот, извозот и транзитот на компаниите и навремено поделување на информации за развивање и усовршување на системите за спречување на нелегалната трговија, посебно во тутунската индустрија. Бидејќи стоката е акцизна, атрактивна е за злоупотреби. Соработуваме и со странци во обуки, делење информации и олеснувања. Меморандумот подразбира обука за препознавање на цигари, нелегално производство и обиди за фалсификување на брендови на цигари. Документот овозможува подобрување на амбиентот, зашто колку повеќе  намалуваме или одржуваме вака ниско ниво на шверц, толку е подобро за легалната индустрија, односно за Тутунскиот комбинат, за откупувачите – констатира првиот цариник.

Со новиот закон за акцизи, почна првиот бран на поскапување на цигарите на Тутунскиот комбинат.

– Поскапувањето веројатно ќе влијае на нелегалната трговија. Со меморандумот верувам дека тоа ќе биде сведено на минимум. Придобивка е што ќе се штити легалното производство – оценува директорот на Тутунскиот комбинат.

Меморандумот претставува и јакнење на довербата меѓу царината и приватниот сектор.

Пред шест години шверцот учествуваше со 25 отсто во вкупниот пазар на цигари во земјава.

ТРАНЗИТНА ЗЕМЈА ЗА ШВЕРЦЕРИТЕ

Македонија не е привлечна за шверцот на цигари, зашто во регионов има најниски давачки. Земјава е транзитен центар. Главните правци на движење на црните цигари нé одминуваат, оти одат преку морски пат. Републиката не губи, зашто цигарите се купени со бандероли.

–  Шверцот се измени со тоа што порано беа големи пратки, а сега се мали, во повеќе наврати. Во 60 случаи запленивме над милион парчиња цигари од секакви брендови и со странски бандероли. Шверцерите најдуваат и минуваат и преку неозначени гранични премини. Цигари се шверцуваа и во боци за плин или пак со пратка за Велика Британија од аеродромот во Скопје – информира Каргов. 

Loading