“МУМИФИЦИРАН” СТОЛБ

Старите навики тешко се искоренуваат. Покрај постојниот тотем за некролози, уште се користат стеблата на дрвјата, бандерите и столбовите за лепење на жални вести и помени. На фотографијава гледаме како неколку ожалостените водат пасивно – агресивна “војна”, за тоа чија тажна вест ќе доминира. Сакајќи да му покажат поголема чест на починатиот од нечие семејство, членовите мислат дека имаат екслузивитет врз еден столб за осветлување на булеварот, па останатите некролози ги прекриле со леплива лента. Се гледа дека не штеделе од лепилото, кое го обвиткало столбот можеби десетпати. Затоа прилега на мумија. Не се знае колку време ќе остане мини – билбордот, “лиценциран” за еден тажен помен. Но, се знае дека со лентата за лепење е залепен и делот каде е пристапот до електричната инсталација, па ако прегори светилката или дојде до курцшлус на каблите, сите ќе бидеме губитници.

Слично се случува и на големиот столб на знамето в центар. Дебелиот метален јарбол е централна локација за најавите и постерите на забавувачите на кафетериите и на рестораните. На ваков начин се нагрдува претставата за градот, кој со уредените плоштади наликува на европски, а со некролозите по бандери и стеблата на турска касаба од 19 век. Небаре различните медиуми нема да ги информираат граѓаните попрецизно и помасовно од столбовите.

Loading