СЕКОЈ БАРА ЕДНА “СИГУРНА”

Ајнштајн рекол дека најдобар начин да ги удвоиш парите е да ги здиплиш надве. Ама градов е преполн со фудбалски “селектори и тренери”, кои во колонадата обложувалници, коваат типови на тикети што би им донело илјадници денари за минимална уплата. Се прогнозира, се калкулира со повредени играчи, жолти и црвени картони, судска пристрасност и што ли уште не. Некој ќе каже дека извесен натпревар е наместен и однапред се знае резултатот, па тој станува “сигурен”. Како играл некој тим претходното коло, како ќе игра во новото… – ништо не останува непроверено од искусните обложувачи, кога со саати одлучуваат дали да пишат “кец”, “двојка”, “нула” или некоја друга комбинација. Билтените ги знаат како “Оче наш”. Го знаат составот на секој третолигаш од Романија, а кога конечно ќе си појдат дома, веднаш го пуштаат телетекстот на ТВ или интернетот и нестрпливо чекаат. 

Кога ќе помине колото, среќниците се бројат на раце. Останатите се нервозни и лути, со пцовки низ заби процедуваат дека не “фатиле” за еден меч. И пак го земаат билтенот в раце да бараат шифри и нова шанса. Најчесто се обложуваат на фудбалски натпревари, но ако ги нема нив, страсните  ги “гаѓаат” и кучињата на трки.

Loading