“ЖИВОТНО ДЕЛО” ЗА ИЛИЈА МИНОСКИ

Добитниците на третоноемвриските награди

По повод Трети Ноември, Денот на ослободувањето на градот, в недела ќе се врачат највисоките локални награди, што Општината традиционално ги доделува на поединци и институции за постигнатите значајни резултати во различни области секоја година на свечена седница на Советот. Годинешен добитник на наградата за животно дело е ликовниот уметник и педагог Илија Миноски. Признанието е финале на неговиот плоден творечки пат подолг од шест децении, закитен со огромниот придонес и оставениот силен впечаток за афирмацијата и развојот на ликовната уметност и на културата на градот воопшто.

Плакетите 3-ти Ноември се резервирани за Касарната “Мирче Ацев”, за  унапредувањето на економскиот и општествениот живот, за конфекцијата “Комфи Ангел”, како општествено одговорна и најуспешна компанија, Гимназијата “Мирче Ацев”, заради достигнувањата и прикажаните резултати од инфраструктурен, организациски и воспитно-образовен аспект, на Здружението Велоевропа за развојот на туризмот и промовирањето на градот на меѓународен план, на Центар за вработување за успешно реализираните проекти, ОУ “Добре Јованоски”, за достигнувањата и прикажаните резултати од инфраструктурен, организациски и воспитно-образовен аспект, на Здружението на слепи лица и на КУД “Пере Тошев”, за афирмација на староградските изворни песни, ренесансните творби и црковните композиции.

Дипломи 3-ти Ноември ќе им бидат доделени на новинарот Атанас Тасесвки, на камерманите Зоран Пиловски и Оливер Ангелески, за големи достигнувања во областа на фото и кино техниката, на уметникот Илија Кавкалески, атлетичарот Илија Пајмакоски, на саатчијата Звонко Конески, на литератот Тони Павлески, докторот специјалист Петар Оханесјан, на Сами Јашароски и постхумно на Ѓорѓи Патоски, на Христо Иваноски – Ице  и на проф. Љупчо Аџи-Митрески. 

Loading