МЛАД И СТАР ДАВААТ ЕФЕКТ

Ветеранот Димитар Аџимитрески за членувањето во ВМРО-ДПМНЕ, некогаш и сега

– Фамилијата му била жигосана како вмровска и ставена во карантин

– Голема радост ми е што ја стартувавме економијата. Ако продолжи Владата по овој курс, а ќе продолжи, за Македонија нема проблем за опстанок или за идентитетот

“Прилепчани паметат и наплаќаат. Колку ќе сработиш, толкава доверба ќе добиеш. Се покажа на изборите 98-ма, кога ВМРО доби 84 000 гласови над СДСМ, а наредната 99-та, за претседателските, изгубивме убедливо”.

Ваков резон има пензионираниот 80 годишен магистер по право Димче Аџимитрески, кој е член на ВМРО – ДПМНЕ повеќе од 22 години. Тој љубезно се одѕва на поканата на Зенит да ги пренесе своите погледи на денешнината по повод 23 Октомври, Денот на македонската револуционерна борба.

ИЛИ МАКЕДОНЕЦ, ИЛИ РОБ

Им порачува на младите да ја негуваат идејата на ВМРО.

– Без да се носи во срцето национално чувство, се станува човек без душа, среброљубец, кој чека да се вработи и ја губи националната свест. Мора да се негува свеста дека Македонецот е Македонец, инаку ќе биде роб некому. Поминаа годините кога се делевме по разни основи. Време е за обединување. Одливот на млади мозоци може да се спречи само со јакнење на економијата, оти од патриотизам не се живее – смета Аџимитрески.

 Позитивно ја оценува владината политика за кадровски освежување.

– Добро е да се менуваат. Никој не смее да биде вечен. Треба да дојдат поспособни и поискусни луѓе, со минимум работно искуство. Старите рекле дека за орање не ставај ни двајца млади, ни двајца стари. Младите ќе изораат без ред, а старите плитко. Затоа треба да се комбинира ѕевгарот со искуство и со енергија – вели ветеранот на ВМРО – ДПМНЕ. 

СЕМЕЈНА ИЗОЛАЦИЈА И ЗАТВОР

Аџимитрески е симпатизер на идеите на ВМРО од 48-ма, зашто татко му Стеван бил затворен од комунистите, оти бил член на организација од 23 души.

– Беа осудени четворицата како организатори на одделот на ВМРО. Татко ми беше осуден за ВМРО на 18 години. Почина во затворот во Идризово. Дури ја тераа мајка ми да се разведи. Не се судеше само на поединци, туку на цела фамилија. Системот ги изолираше блиските, зашто сметаа дека носат иста идеја. Бев 15 годишно дете, но свежи ми се семејните трауми, кои се трајни, до ден денес, зашто ми оставија дамка како политички неподобно семејство. На судењето татко ми логично се бранел, а обвинителите кога го виделе тоа, донесле решение дека постапката се прекинува, поради неискреност. Уште од 43-та фамилијата ми беше стигматизирана од партизаните. Го зедоа татко ми десет дена, клеветен дека соработувал со окупаторот, а по ослободувањето имал политички некоректни идеи, наводно дека бил поврзани со врховистите. Татко ми не соработуваше со окупаторот. Имаше идеи како и секој човек. И ден – денес кога читам како размислувале, разбирам дека биле неостварливи за тоа време – пренесува Аџимитрески дел од тортурите преживеани во семејството.

На тормозењата им се придодало одземањето на горниот кат од семејната куќа за забна амбуланта. Фамилијата му била жигосана како вмровска и ставена во карантин.

– Имав последици кои ги почувствував на факултет. На сите им се даваа стипендии, јас бев изоставен. Началникот на правниот факултет во Скопје ми рече: “Татко ти го раниме, зар и тебе да те раниме со стипендија” – кажува Аџимитрески.

Потомокот на Стеван, Димче, се среќавал со тешкотии дури и при вработувањато.

– Барав работа во судот и не ме примаа. А имаше слободни работни места. Наместо мене, како дипломиран правник, вработија партиски послушник со незавршено средно образование. За среќа, се вработив во банката – се сеќава стариот член на ВМРО – ДПМНЕ. 

ПОТТИК НА ЕКОНОМИЈАТА

Тој убеден дека ќе се остане на линијата за националниот идентитет.

– Ако тоа го нема, исто како нас да не нема. Голема радост ми е што ја стартувавме економијата. Повисокиот стандард е приоритет во програмата. Главна точка е економијата. Без економија нема напредок. Ако продолжи Владата по овој курс, а ќе продолжи, за Македонија нема проблем за опстанок или за идентитетот – проценува Аџимитрески.   

Смета дека на локално ниво е направен џиновски чекор.

– Уште Прилеп да не е заобиколен од инвеститорите. Без инвестиции нема сигурност. Најбитно е да се вработат луѓе. Тоа е просперитетот на партијата и на државата. СДСМ токму затоа изгуби. Тие само зборуваа, тераа политика, без дела. Ги поддржувам субвенции за тутунот и за земјоделците. Ја  посакувам рехабилитацијата на Тутунскиот комбинат и Еурокомпозит и ги поздравувам сите потези на тоа поле – смета Аџимитрески.

ЉУБЧО БЕШЕ  СРЕБРОЉУБЕЦ

– Жалам што сум бил под водство на Љубчо Георгиевски. Беше среброљубец. Само парите, а Партијата не го интересираше. Ја направи Партијата за параван за богатење. Тој човек го кажа своето. Останаа само на збор ветувањата за ревизија на приватизациите. Продажбата на ОКТА е доказ дека беше правена скришум, далеку од очите на јавноста. Затоа замина – смета Аџимитрески.

ПРОМЕНА НА СТАТУТОТ

– Како правник, од професионален агол, на претседателот на ВМРО – ДПМНЕ, Никола Груевски му порачувам ревидирање на статутот. Сегашниов не е добар. Статутот е напишан од Љубчо Ѓорѓиевски и во негова полза, да остане претседател колку што сака. Општинските комитети работеа по деловник, наместо по статут. Тоа е нелогично. На државно ниво нема што да му забележам, зашто добро ја води државава – вели Аџимитрески 

Loading