СПОКОЈ ПОД СААТОТ

По речиси три децении живот на петтиот континент Илија Талески – Палислама

– Убавата социјално здрава држава – Австралија со многу привилегии зад себе крие кошмари за дојденците

– Во својата земја, секој треба да биде среќен

Како му се ближат пензионерските денови на прилепскиот 62 годишен поранешен адвокат Илија Талески – Палислама, сé посилно се разбувтува огнот на носталгијата за родниот Прилеп. По 25 години низ австралиската јабана, во Мелбурн, кожа не го држи за родната грутка. Тагува со солзи во очите за пријателите, другарите, за градот на својата младост, за сокачињата, кои станале модерни улици, за аромата на тутунот, која пријатно го опива. Иако со последните летови далечината е само 26 часови, иако челадта ќе му биде далеку од срцето, Палислама сонува третото доба да го ужива во реновираната куќа в центар. Како неизгаснет пламен му гори желбата за Прилеп. Затоа годинава останал околу шест месеци, но како му се доближува денот да одлета од родното гнездо, така маката, како рана го пече и го гори, сé посилно. Душата му се расцепува што е нужно уште две-три години да минува низ австралискиот “пекол”. Планира пак, в година, да дојде дома на неколку месеци, да му процвета душата. Трпението го издава, зашто телото, како сиве овие години, му е од другата страна на океанот, а срцето нераскинливо му чука во ритамот на Прилеп. Го држи надешта дека дека конечно, за скоро време, јаве ќе му станат мечтите да отседне пак низ кафетериите на муабет со своите стари пријатели низ старата чаршија, да брка ќеф, како во младоста, во галежот на звуците на камбаната на градскиот саат и да ужива на страста, свирката на синтисајзерот и неговата голема љубов – џезот.

– Реално немав потреба да заминувам во Австралија во 1988 година. Бев адвокат во Прилеп, но вујко ми беше дојден и ме кандиса низ муабет да бидам адвокат во Австралија. Зашто од таа професија таму се  заработувале неброени пари. А и во Прилеп опадна адвокатурата. Првин беше многу тешко. Едвај се навикнавме. Туѓа земја, туѓи навики, а овде растен, гледан, еден на мајка, гален со убава адвокатска работа. Западот е немилосрден. Мора да работиш. Најдов државна служба како болничар. Нормално, со претходна обука од шест месеци. Убавата социјално здрава држава со многу привилегии зад себе крие кошмари за дојденците, особено за оние кои имале релативно стабилен живот во родната земја – ги пренесува Талески првите моменти од стапнувањето на австралиското тло.

Делел правда на нашинци

Желбата за адвокатура не згаснувала. Се зафатил три години да ја учи да ги совлада австралиските закони и да биде адвокат.

– Плаќав да завршам адвокатура. И работев две години кај Делиос Вест Компани. Тоа беше фирма на нашинец од Егејска Македонија. Потоа се префрлив во врховниот суд, каде има четворица судии и се запишав во книгата за баристерите. Судскиот систем е поинаков од нашиот. Се применува т.н. комон лов, ист за сите земји од Комонвелтот. Многу е тешко да се научи, има многу судски одлуки. Работев како баристер. Тоа е поддршка на адвокатот, кој ги собира доказите, повикува сведоци, собира слики од местото на кривичното дело и од него зависи дали судот ќе го прифати делото или не. Адвокат не бев. За тоа треба да си таму роден, да се знае перфектно англиски јазик. По две години во врховниот суд, сам дома работев за Македонците со помали спорови, комшиски, сообраќајки без тешки последици. Водев само трибуналски спорови, што кај нас ги викаат управни спорови, за прекршоци. Трибуналите се брз начин, како медијаторство без судски трошоци – објаснува Талески.

Така создал два извори на приходи. И државен и приватен, со доста предности.

– Затоа толку време седам Прилеп. Имам платен одмор и други надоместоци со државната служба, прво како болничар. Животот од прва рака изгледа добар. Социјалата е одлична. Мелбурн беше прогласен за најдобар град за живеење. Но сепак, Прилеп мене ми е поубав, тука ми е секој ден уживање – ги пренесува импресиите Талески.

Подотеран, заличен и поурбан Прилеп

Колку и да е Мелбурн привлечен, сепак, вели Талески, кога се качил на Селечка, со пејзажот на Прилеп, никој не ќе успее да го убеди дека има нешто поубаво од родниот град.

– Козјак и планините нагоре, се душата и срцето на човекот кој се родил во Македонија. Тука сме растени, тука се спомените на младоста. Посебно задоволоство ми е кога го слушам градскиот саат како пак чука. Ме радува идејата за заживување на околината на саатот. Градов ептен ме бендисува. Многу е подотеран, заличен и поурбан. И луѓето се однесуваат на повисоко културно ниво. Гледам радосни лица. Тоа ме расположува. Во својата земја, секој треба да биди среќен. Верувам, убеден сум дека доаѓаат подобри денови, а среќата со пари не се купува, но потребни се за секојдневниот живот – кажува Палислама. 

Носталгијата не го пушта од прангите. Затоа токми пензијата да ја минува дома и за три години засекогаш да ја напушти Австралија. Оти како што пеат птиците дома, никаде не ја знаат таа песна. Неговата мисла за домашната топлина, за зраците на своето сонце, сонцето што изгрева од зад Селечка ја дели и неговата сопруга. Ја дотеруваат куќата, ги враќаат прачките во прилепското седело, додека нивните две возрасни ќерки  веројатно ќе останат од другата страна на светот. Но со длабока прилепска трага со здрави дебели корени, кои никогаш нема да се откорнат.

– Децата го сакаат Прилеп. Се воодушевија кога дојдовме во куќата првиот пат. Се изненадија. Ми рекоа дека куќата е прва лига в центар. Старееме и сакаме да имаме база, да се знае темелот. Впрочем, тука ни се роднините, пријателите – вели Талески, додавајќи дека тука е  неговиот живот, својот град, најубав на светот.

Колку што се приближува денот за заминување толку повеќе се грчи Палислама од помислата на Австралија. Нозете му се враќаат. В година пак ќе стапне на својата земја. Со душа ќе чека пак да се спушти авионот овде. Засекогаш.  

ЏЕЗОТ МУ Е ДУХОВНА ХРАНА

Свирењето на клавијатури му е пасија. Отсекогаш бил страстен заљубеник во музиката. Особено во џезот.

– Тоа и ќе ми остане додека претам. Ме релаксира, ме ослободува џезот. Таа е музика за сентиментални луѓе, за романтични, полни со емоции. Можеби сум се себепронашол што сум запливал во водите на џезот. И таму се надградувам. Завршив прва година во Ричмонд Џез Академи во класата на пијанистот Дениел Робертсон. Продолжувам во втора година. Се образувам, зашто не може аматерски да се учи. Потребна е теоретска настава. Недоволно е само средно музичко. Основата е едно, а надградбата бара доста труд и џезот да ти лежи на срцето – кажува Палислама, кој открива дека секоја година и во Прилеп ужива во заедничката свирка со пријателите од музичките денови Марјан Спиркоски – Манакот и со Владо Талески – Лејдио додека го голта кусото прилепско време. 

Loading