“ХАОС” МАЈСТОР СПАСУВА ЖЕНИ

Зоран Ивчески – Џомеро – иноватор без патент       

– Создал машина за мешање ајвар, а се токми да конструира и печка за печење пиперки

Варошанецот, Зоран Ивчески – Џомеро, вработен во Мермерниот комбинат, во слободното време е пронаоѓач. Не дека “измислува топла вода”, ама се труди обичните машини да ги прилагоди, адаптира да бидат полесни за употреба и да ја скратат и олеснат рачната работа, да им олесни на домаќинките во овој период од годината на подготовка на зимници, намерачен да ја ублажи сеуште незаменливата женска работна рака  околу подготовката на ајварот.

Ајварот е навлезен во културата и е рамен на легендите за Крал Марко. Секој домаќин со време се води со мислата – “за се може да нема, ама за пиперки за ајвар, мора да има”. Тој е неизбежен дел од зимницата, заедно со расолницата и сторената зелка, која ни дава нешто да мезниме зимно време со ракијата кога нема свеж зеленчук. За добар ајвар битни се многу елементи, квалитетна “капија”, добро масло, многу дрва за печење на пиперките, лупење и требење од семки, варење и пакување во тегли.

Ама, со изумот на Џомеро, домаќинките веќе нема да бдеат над тенџерињата и постојано да ги мешаат сомелените пиперки над огнот. Тој видел од некој пријател како со едноставни, секому достапни домашни апарати може да се направи автоматска мешалка за ајвар, без да се трпи горештината над пампурот и да се дише чадот.

– Машината е многу едноставна за изработка. Потребни делови се внатрешен дел од машина за перење, трофазен мотор од бришачи на товарно возило и тенџере со големи димензии. На вртливиот дел од машината за перење алишта се става електричниот мотор и “самоделската” машина го меша ајварот како со три дрвени лајци со брзина од 30 круга во минута. Така се отстранува маката на домаќинките, а и ајварот е повкусен – објаснува Ивчески.

Во капиталистичково општество не треба многу, некој да ја види идејата, да ја патентира како своја и да произведува “лиценцирани” апарати. Таков е случајов и со изумот на Ивчески. Некој струмичанец видел слика од интернет и почнал на големо да произведува машини за мешање ајвар, кои ги продава за 6000 денари и тоа без тенџере. Џомеро не се лути, оти некој се зафатил за бизнис со неговата идеја, зашто и тој ја видел од некаде, па не претендира на “авторско право”.

Пронаоѓачот од Варош не мирува. Му врти акалот за создавање на машина за автоматско печење на пиперките, без да загорат од некоја страна.

– Ако го земеме делот од “тапанот” на машината за перење кој има ситни дупчиња и му ставиме електро мотор, добиваме автоматски апарат за печење пиперки. Делот од машината за перење ќе врти со дадена брзина и пиперките внатре ќе се вртат како топчиња за лото. Со тоа се исклучува човечкиот фактор, а пиперките ќе бидат испечени рамномерно од секоја страна – вели Ивчески, кому виугите од мозокот му се нон-стоп активирани за целосна автоматизација на правењето ајвар.

Сепак најмачната, најздодевна работа ќе остане мануелна. Пиперка по пиперка ќе треба да се лупи и да се одстрануваат семките, па да биде стокмена за во апаратот за автоматско варење ајвар. Можеби до година, Џомеро и за тоа ќе најде марифет, па целодневните седенки за лупење на “капијата”, ќе ги претвори во некоја машинерија која се вклучува со стегање на копче од електро – мотор.

Пронаоѓачот од под Марковите Кули кажува и за специјалната фурна. Меѓу два слоја на печена цигла, ставил песок и стакло, а под “фасадата” ставил исечено буре, каде се ставаат дрвата за загревање.

– Фурната е подобра од микробранова печка. Бргу постигнува висока температура, ја одржува на 250 степени, и тоа со минимално количество дрва. Внатре е направена да се подготвуваат три посебни јадења едновремено – задоволно кажува Ивчески, кој испекол цело јагне за час и половина, и тоа толку добро, што месото ем кркало, ем било сочно. Ја тестирал и за пици, а ефектот бил повеќе од позитивен. Пиците биле готови за 10 минути.

Покрај работата во Мермерниот комбинат, наоѓа време за иновација на вакви матикулина, а домашните малку на шега го викаат “хаос” наместо хаус мајстор, зашто расипува стар домашен апарат, да создаде нов.  

Loading