На стартот на раниот откуп
“Околу 190 денари од килограм изнесува просечната откупна цена на тутунот во раната сезона на откуп на родот, што ја стартуваа пет откупни претпријатија на 1 октомври”.
Ова го изјави Данчо Милески, првиот човек на асоцијацијата на тутунарите, кој оцени дека бербата е со висок квалитет, иако малку е падат квантитетот, поради врнежите од град во јуни.
Тутунскиот комбинат веќе презема тутун во картонски кутии.
Тутунарот Атанас Силјаноски очекува да произведе над два ипол тони од хектар под тутун.
– Заради градот стагнираше тутунот, но се регенерира и е со добар квалитет. Ќе предадам околу еден тон во раната фаза. Не е лоша проценката на почетокот – вели Силјаноски.
И заменик министерот за земјоделство, Зоран Коњановски констатира дека родот е поквалитетен, а тоа значи и повисоки цени.
Тутунот ќе се плаќа за 7-10 дена.
– Стартувавме на 10 откупни пунктови. Ќе преземеме од 500 – 700 тони тутун. Добро оди откупот засега – вели Александар Спиркоски од Тутунскиот комбинат.
Во прилепско ќе се преземат над 4500 тони тутун од 1 – 31 октомври, а во целата земја над шест илјади тони. Годинешната реколта се очекува да тежи околу 30 илјади тони, од кои само во прилепско е над 65 процени. Тутунот им е единствен извор за егзистенција и дополнителен приход на околу 250 илјади жители од земјава.