УШТЕ 800 ИЛЈАДИ ЕВРА ЗА АВЕНИСКИОТ ВЛЕЗ

Втората фаза од изградбата на авенискиот влез, од пумпата на Макпетрол до крстосницата Солидност, во должина од 1200 метри, се верификува со ставањето потписи на договорот меѓу градоначалникот Марјан Ристески и претставникот на изведувачот, Гранит.

Круцијалниот инфраструктурен зафат е следен од Светската банка со кредит од 800 илјади евра преку Министерството за финансии, откако успешно се оконча во предвидениот рок првиот дел од булеварското решение, исто така финансиски поддржано од Светската банка со 500 илјади евра.

Станува збор за продолжување на модерниот современ влез во градот, што претставува и подобрување на безбедноста на сите учесници во сообраќајот.

– Влезовите се лице и огледало на градот. До крајот на април идната година ќе биде завршен авенискиот влез комплетно и граѓаните и гостите ќе имаат на располагање европски влез. Булеварското решение предвидува зелена зона, тротоари и велосипедски патеки, покрај четирите ленти од двете страни за моторните возила. Осветлувањето ќе биде со штедливи светилки – рече Ристески.

Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставревски објасни дека станува збор за средства за поддршка на општините.

– Проектот ќе чини околу 40 милиони денари, кои се добиени по извонредно поволни услови. Светската банка даде виза, откако проектот ги мина сите филтри во Вашингтон, поради тоа што општината, како порано, ефикасно и брзо ја подготви проектната документација. За скоро време со Прилеп ќе го реализираме проектот за изградба на пречистителната станица и канализациската мрежа од 78 километри, поддржан од ИПАРД средствата – рече Ставревски.

Според вицепремиерот, Владата продолжува со крупните капитални проекти од локален карактер. Во новиот буџет се издвоени околу 80 милиони евра за општините.

ЕКОНОМСКИОТ СОВЕТ ТЕТ – А – ТЕТ СО ВЛАДИНИТЕ ПРЕТСТАВНИЦИ

Единаесеттиот состанок, членовите на советодавното економско тело на Општинава дискутираа за реконструкцијата на канализационата мрежа и изградба на пречистителна станица за третман на отпадните води и за воведувањето на јавниот превоз во присуство на владини претстваници.

Покрај вицепремиерот Зоран Ставрески, бизнисмените ги слушаа и првиот даночник Горан Трајковски, првиот цариник Ванчо Каргов и други владини функционери, кои изразија подготвеност за унапредување на економскиот развој во општинава.

Стопанствениците имаа конкретни предлози за олеснување на работењето.

Loading