ВОДОВОДЏИИ, БРАВАРИ… СЕ БАРААТ “ПОД ДРВО И ПОД КАМЕН”

Саем за кариера и вработување

Како дел од од напорите да се премости јазот меѓу вештините кои ги поседуваат работниците и потребите на  пазарот на трудот, на едно место се сретнаа компаниите од градот и образованието, како и посредниците, локалните власти и агенцијата за вработување. Бизнис секторот бара кадри со практични знаења.

– Витаминка се судира со недостиг од соодветни кадри – бравари, техничари, хемиски техничари, технолози. Потребни ни се кадри со повисоко ниво на оспособеност, според европскиот пазар. Особено е потребна праксата за стручното оспособување – вели Симон Наумоски, претседател на управниот одбор на “Витаминка”.

 – Ни недостасуваат дизајнери, шаблонери, конфекционери – се жали Благоја Конески од конфекцијата “Хатра”.

УСАИД оценува дека континуираното работење на локално ниво е патот за значаен и долготраен успех.

– Потребно е  да се подобри понудата и побарувачката на трудот, да се претстават компаниите и младите да слушнат што се бара, какви се трендовите на пазарот – велат од УСАИД, кои го организираат саемот.

Агенцијата за вработување им помага на младите да се вработат со различни фирми.

– Работилниците, организирани од УСАИД, раѓаат плодови. Тоа е  искуството. Над 50 отсто од младите се вработуваат. Работодавачите се сé позадоволни. Проблем е несоодветното образование и погрешно избраната насока. Недостасуваат мајстори од машинската струка, водоводџии, машинобравари, потоа ИТ инженери, електроинженери, машински инженери, градежни. Потребна е пракса – вели Владимир Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Се очекуваат анализите од тестирањето за професионалната ориентација на осмоодделенците. Генерално, голем дел од младите одат кон гимназиите, а помал дел кон технички струки.

– За ублажување на невработеноста, се субвенционира самовратување, практиканство, ИТ обуки. Тука се и грантовите во опрема, материјали, изработка на бизнис планови. Придонесуваме и со дообуките за стекнување на подобри вештини. Со мерките за самовработување се ангажираа над 90 проценти од лицата – вели министерот Диме Спасов.

Градоначалникот Марјан Ристески смета дека општината има млади креативни кадри и компаниите треба да ги искористат.

– Саемот е понуда на која компаниите треба да се запознаат со креативците, а младите со нивните потреби. Добра е соработката со бизнис секторот. Успеавме да ја намалиме невработеноста – изјави Ристески.

На саемот, освен што имаше  презентации на фирмите се одржааа и дебати на повеќе теми.

ПОНУДА И ПОБАРУВАЧКА НА КАДРИ НА ЕДНО МЕСТО

Прилеп е првиот град во Македонија каде УСАИД и младинската мрежа ЈЕС организираа саем за кариера и вработување, годинава. Според организаторите, Прилеп е избран за старт на кампањата, зашто сите средни училишта имаат завиден успех, а бизнис секторот е живо заинтересиран за стручно образован кадар. Појаснуваат дека мрежата на соработка на оска – училиште (производство на понудувачи) – ученици (понудувачи на труд) агенција за вработување и ЛС (посредници) и бизнис секторот (побарувачи на труд) треба поактивно да се вклучат во барање работа со дообука или со владините програми за самовработување.           

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, ја истакна потребата за поголемо самопромовирање на умешностите и вештините кои ги поседуваат учениците и невработените. Едновремено, ги поттикна на подготовка на претприемачки вештини, кои би им помогнале при отворањето на сопствен бизнис.

На саемот учествуваа повеќе прилепски компании, кои им овозможија на учениците од средните училишта да видат од прва рака кои се потребите за вработување, а фирмите да дознаат на какви и колку потенцијални работници можат да сметаат во иднина. И училиштата имаа штандови на кои се покажуваше какви кадри се образуваат.

Loading