ТУРЦИЈА ЌЕ ФИНАНСИРА АКУМУЛАЦИЈА НАД ЕЗЕРО

– Новата брана ќе биде кај Пештерица
Министерот за земјоделие Љупчо Димовски обелодени дека со помош на турската влада ќе се гради акумулација за жедното прилепско поле, а локацијата ќе ја одбере претпријатието за водостопанство “Прилепско поле”. Гордана Тошеска, директорот на “Прилепско поле” рече дека најверојатно ќе се собира водата над постојната брана на акумулацијата, во месноста Пештерица.
Според Димовски тоа ќе биде една од петте акумулации кои ќе се градат во земјава со турска поддршка.
Тошеска оценува дека има прелив на водата три месеци на постојната акумулација последниве неколку години.
– Голем е акумулациониот простор околу езерото и ќе се експлоатира неискористената вода. Новата акумулација би зафаќала околу 20 отсто плус од постојната од шест милиони кубни метри вода. Локацијата би била во месноста Пештерица да се искористи поставениот системот од неколку стотина километри примарна, секундарна и терцијарна мрежа, која наводнува околу три – четири илјади хектари, главно под тутунски насади. Новата акумулација ќе овозможи да се активира дел од системот што е затворен заради недоволни количества вода – вели Тошеска.
Се очекува градба уште на една мала акумулација од сто илјади кубни метри вода во близина на селото Селце.
Инаку, акумулацијата е градена пред 50 години и редовно се одржува. Површините на тутун под хидросистемот даваат двојно поголеми приноси од оние што не се наводнуваат.
НЕМА РИЗИК СО ЧИСТИ КАНАЛИ
“Амортизирани се поплавите во прилепскиот дел од Пелагонија со зафатите за чистење на каналите”.
Ова го констатира Димовски при надзорот на сработеното од страна на работниците и механизацијата на “Прилепско поле”.
Концентрирани сме на спречување на поплави што е од интерес на земјоделците и создавањето услови за квалитетно обработливо земјиште. Иако имаше висок водостој на Црна Река, немаше поплавување на големи површини. Годинава се предвидени околу 10 милиони денари за санацијата на браната на вештачкото езеро и замена на опрема на системот со 27 километри примарна, 100 км. секундарна и 200 км. терцијарна каналска мрежа.. Продолжуваме со чистењето на каналите и санацијата, во што досега се вложени околу 37,5 милиони денари – рече Димовски.
И локалната самоуправа дава придонес за подобро обработливо земјиште И среќни земјоделци.
НЕ САКААТ ДРЖАВНИ ПАРИ ЗА БУНАРИ
– Државата помога за ископување на бунари и за постројки за систем “капка по капка”. Најмногу можат да си помогнат земјоделците. Во програмите на министерството за рурален развој и во ИПАРД се овозможени средства за бунари и набавка на системи за рационално користење на водата “капка по капка” со многу поедноставена процедура. Има значителен број на барања, за жал нема од прилепско – рече Димовски .

Loading