КАМ ЌЕ ГРАДИ ТРГОВСКО – ДЕЛОВЕН ЦЕНТАР НА МАСТ ПАЗАР

– Инвеститорот го плати плацот 400 илјади евра, а градбата ќе стартува по подготовката на проектот и добивањето на одобрение за градба
altПросторот на кој досега беше сместен стариот млечен пазар се урива за набрзо на негово место да започне градбата на нов модерен деловно – трговски центар. Фирмата “Кам фуд” купи 1600 м2 за 400 илјади евра или седумпати поскапо од почетната цена на електронската аукција на општината. По завршувањето на сите законски формалности претставниците на фирмата и градоначалникот Марјан Ристески го потпишаа договорот за купопродажба.
Ристески не го крие задоволството што еден од најголемите македонски брендови ќе инвестира во строгиот центар на градот и ќе придонесе да се смени ликот.
– Поранешниот млечен пазар ќе биде претворен во модерен објект, кој ќе се гради со корисна површина од 5000 м2. Ќе бидат инвестирани три – четири милиони евра, а ќе се отворат 100 нови работни места – вели Ристески.
Објектот ќе биде на три ката, со деловни и административни простории и ќе има подземна гаража за 100 возила.
– Голем е бенефитот од инвестицијата. Најпрво добиваме средување на центарот на градот, оти ова беше најнеуреденото место. Ќе добиеме нов паркинг за растоварување на сообраќајот. Од продажбата на земјиштето инкасиравме 400 илјади евра.
Околу 80 насто ќе се слеат во општинскиот буџет, 20 во државниот. Од комуналии ќе добиеме над 150 илјади евра, што ќе се употребат за други проекти со кои ќе го подобриме квалитетот на живот. И најважно, ќе имаме современ трговски центар – додава градоначалникот.
Задоволни и во ЈКП “Пазари”.
– По 60 години, ќе добиеме нови простории, оти работиме во нестандардни услови. Околу 20 насто од објектот, дуќани, ќе бидат за нас. Дел од парите ќе се вложат за допокривање на пазарот и за изградба на нов млечен пазар – изјави Пецо Димоски, директор на ЈКП “Пазари”.
Од фирмата “Кам фуд” потенцираат дека не им е прва инвестиција. Ќе се погрижат побрзо да стартуваат со градбата и да го изградат деловно – трговскиот објект.
Градоначалникот Ристески објаснува дека во центарот на градот ќе се преземаат повеќе градежни зафати со цел да се добие нов лик.
На продажба ќе се понудат и други парцели. Во Точила, на местото од старата општинска зграда, во просторот на старата болница, кај касарните, во населбата Градина.

Loading