ФУДБАЛ: В САБОТА СЕДМО ДЕРБИ 11 ОКТОМВРИ – ПОБЕДА
– ДОМАШНИОТ ГОЛ ГО ЧУВА ГОНОВСКИ, ГОСТИНСКИОТ РИСТЕВСКИ
В сабота (16.30 ч.) на стадионот “Г. Делчев” е дербито 11 Октомври – Победа, можност за интересен дуел. Историски гледано, со долги прекини егзистира 35 години, седмо по ред. Првото есента 1978 пред најмногу гледачи, 10 илјади, го добива Победа 3-1, со головите на Настески, Петрески и Момироски, а почесниот за поразените на Поп – Трајков. Единствениот триумф на 11 Октомври е ланската есен од 1-0 со погодокот на Дунимаглоски.
Утре е извесна борбата за трите бода од двете страни. На трите есенски кола, гостите освоија два, домашните еден бод. По поразите дома 0-2 од Миравци и на гости 3-0 од Тетекс, дното е под нозе. Победникот се враќа в колосек, губитникот пропаѓа. Место за други калкулации нема.
Фаворит – нема. Ривалите покажаа подобра игра во одбраната. Гледачите ќе се уверат во квалитетите и сигурните одбрани на голманите, битолчаните Гоновски и Ристевски. Од друг агол, со оглед на неефикасните напаѓачи, може да реши еден гол. Од 11 Октомври “пукаат” Мирчески и Никовиќ, во Победа Чешелкоски и Гешоски.
За кого ќе се навива од трибината? Лани мнозинството се определи за Победа и ги поздравуваше добрите потези на двата тима. Настапуваат прилепчани, од околината, засилени од Битола, Д. Хисар, Кавадарци, Охрид. Сите се наши деца.
11 ОКТОМВРИ: Гоновски – Шаркоски, Гелов, Илиески, Лазарев – Речкоски, Стојковски, Тасевски, Дунимаглоски – И. Мирчески, Никовиќ.
ПОБЕДА: Ристевски – Богоески, Велјаноски, Јанкулоски, В. Митревски – Мегленски, Мустафов, Петрески, Здравески – Чешелкоски, Гешоски.
Билансот е 1-5
Дома 11 О.: 3 1 0 2 2-9
Дома Побе.: 3 0 0 3 1-6
Вкупно: 6 1 0 5 3-15