ТРЕСКАВЕЦ НА ДЛАНКА

Свечено пуштен во употреба асфалтираниот пат до манастирот “Успение на Пресвета Богородица”     

– За патот кој е долг 7,5 километри вложени се околу 1,5 милиони евра од буџетот на Република Македонија

– Се очекува годишна посета од над 50 илјади туристи

Се вети и се направи, патот до најголемото светилиште – Трескавец. На големиот христијански празник, кога се слави милоста на мајката Божја, стотици верници остнаа без здив за градителската умешност да се направи асфалтен пат во должина од 7,5 километри, а кој се искачува дури и на 1 600 метри надморска височина.

Ако порано до манастирот Трескавец се одеше по правлив, непристапен и исполнет со дупки кривулест пат, кој минуваше низ карпи и мачно се совладуваше дури и со најјаките специјални теренски возила, од празникот Успение на Пресвета Богородица, 28 август лето господово 2013 -то, манастирот им е на дланка, на дофат на сите верници и незнајни љубопитни посетители ширум светот. Решеноста на Владата, посветеноста на ресорните Министерства, иницијативноста на прилепските локални власти и упорноста на изведувачот, го направија и невозможмоното – го поврзаа манастирот со асфалтен пат за чија градба беа потрошени 1,5 милиони евра. Лани, токму на 28 август, беше поставен камен темелник, а годинава свечено беше пуштен патот кој води до еден до најкултните и најпознати манастири на Балканот.

– Во програмата беше зацртано градбата на патот и во изминативе години работевме на тоа. Не беше лесно во овие тешки времиња на економска криза, кога буџетите се кратеа, кога она што беше планирано се намалуваше. Сепак, од буџетот се инвестираа 83 милиони денари. Со изградбата Прилеп ќе стане уште поатрактивна дестинација, која ќе овозможи развој на манастирскиот, но и на други видови алтернативен туризам. Дополнително со обновата на конаците, новите археолошки испитувања на добро познатите локации во негова близина, се очекува годишна посета од над 50 илјади туристи – рече Груевски.

Пред една година, на големиот христијански празник, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески со министерката за култура, со градоначалникот Ристески, со отец Климент, ветија дека ќе се потрудат за една година патот да стане реалност. Згора да помогне и во побрзата обнова на конаците кои изгореа во февруари.

– Имаше многу скептици, многу недоверба. Ми е голема чест што заедно со премиерот го отвораме овој пат долг 7,5 километри. Цврсто сум убеден дека патот до манастирот максимално ќе биде искористен и ќе овозможи побрзо да се санира, односно повторно да бидат изградени конаците – рече Јанакиески.

Со поддршка на локалната самоуправа, ангажманот на градоначалникот Марјан Ристески, градежната фирма Гранит ја заврши побрзо градбата на патот до еден од најубавите манастири во Македонија и регионов, манастирот Трескавец.

– Објектот е од големо значење за верниците, планинарите, за љубителите на културата, за спортистите. Владата со ресорните министерства со постојано покровителство на дело ги потврдува заложбите за мир и соживот меѓу религиите и цивилизациите, делувајќи локално, но и глобално. Очекуваме домашни и странски гости да го раздвижат економскиот развој на градот. Како заложбата за градба на патот, да има и за возобновување на манастирските конаци опожарени пред помалку од една година. За неколку години овој манастир ќе светне над цела Пелагонија со сета убавина како гордост на сите нас – рече градоначалникот Ристески.

Најавена е владина поддршка за обнова на конаците што ќе чини 1, 3 милиони евра, или колку што чинеше изградбата на патот. Следниот предизвик за Владата е изградбата на патот кон манастирот Зрзе. 

Промоцијата на богатото културно и духовно наследство

НАСКОРО ИЗГРАДБА И НА КОНАЦИТЕ

Новоизградениот пат од Прилеп до манастирот Трескавец, ќе овозможи верниците и посетителите непречено да го посетуваат духовниот комплекс од 13 век, да се запознаат со духовниот живот на светилиштето, но и со исклучителните уметнички и иконографски вредности, изработени од македонските зографи. Целосно е изготвен и проектот за реконструкција на конаците, изгорени во февруари.

– Реализацијата на овој проект ќе му овозможи долговечност на манастирот Трескавец, на овој значаен споменик на македонската традиционална архитектура. Ќе ја потврди грижата за несоборливите факти за наследството оставено од историјата. Целосно е изготвен проектот за повторна изградба на конаците и наскоро ќе почне  реализација. Стручните лица се погрижија да се реобнови автентичниот изглед на конаците, а предвидена е и градба на параклис на југо-источната страна од манастирот. Верувам дека наскоро манастирскиот комплекс повторно ќе биде место во кое граѓаните, верниците, посетителите ќе го наоѓаат својот духовен мир и спокојство – рече министерката за култура Елизабета Канческа Милевска.

Владата и Министерството за култура во Прилеп и пелагонискиот регион кој поседува богато културно наследство и значајни споменици на културата, континуирано во изминатиов период реализираа значајни проекти.

Loading