ФИЛИП МОРИС НОСИ ДОБИВКА ВО ТУТУНСКИ

– МЕНАЏМЕНТОТ ГО ВИЗИРА СТРАТЕГИСКОТО ПАРТНЕРСТВО СО НАЈМОЌНАТА ИНТЕРКОНТИНЕНТАЛНА КОМПАНИЈА ЗА ЦИГАРИ ЗА ИЗЛЕЗ ОД ДОЛГОГОДИШНАТА КРИЗА

Престанува загубарската агонија и неизвесноста за опстанокот на Тутунскиот комбинат со ставањето на параф за стратегиското партнерство со етаблираната интернационална компанија “Филип Морис” првично за десет години. Одборот на директори на Тутунски го прифатил стратегиското партнерство со бизнис планот на производителот на Марлборо, Комбинатот да евидентира добивка во 2015 година.

Ова е суштината на претстојните деловни односи на двете компании. Бизнис планот треба да се имплементира до крајот на годинава. Генералниот директор на Комбинатот Александар Дерменџиев не изнесе детали, оти планот е деловна тајна,

– Не е добро да го обелоденуваме планот, бидејќи функционираме во конкурентска средина. Менаџментот оцени дека планот претставува солидна основа за подобрување на состојбите на Комбинатот – рече  Дерменџиев.

Според него, стратешкото партнерство содржи бизнис план, инвестиции, добивка…

– Ова е прв чекор кон комплетна приватизација. Принципите за соработка се дефинирани и прифатливи за двете страни. Партнерството е отприлика 50:50. Јавниот повик за статешко партнерство, објавен од Комбинатот пред два месеци, беше концентриран на производството на цигари и паралелно Комбинатот во целост да излезе од финансиската состојба на генерирање загуби во подолг период. Името на стратешкиот партнер влева сигурност и доверба. Затоа оценивме дека е остварлив бизнис планот. Очекуваме од 2015 година Комбинатот да излезе од зоната на загуба и да создава добивка. Бизнис планот не го тангира прашањето за бројот на вработените. Со партнерството секако ќе дојдат инвестиции и зголемување на обемот на производство –  рече Дерменџиев.

Првиот човек на Комбинатот очекувал одговор на повикот и од кинеските партнери, за кои сега се произведуваат цигари во Комбинатот, но не пратиле понуда поради комплицираните процедури во Кина.

– Со Кинезите продолжува соработката во производството на цигари – вели Дерменџиев.

Во минатото во Комбинатот се произведуваа лиценцните цигари на Филип Морис, “Партнер” и “Бонд”.

Околу 80 отсто од Комбинатот е во државна сопственост со ангажман на над илјада работници.          

Loading