ЛАКОМОСТА Е ГРЕВ

Лакомоста, среброљубието и алчноста за богатство (пари), се основните причинители за гревот. Човекот лесно паѓа на нив. Свети апостол Павле за нив вели дека се “корен на сите зла” (извадок од Библијата).           Во примеров, станува јасно зошто парите се корен на сите зли дела.

Многу одамна, во некое село, преовладувала голема сиромаштија. Едно младо момче, да се спаси од сиромаштијата, од мало заминало во друга држава на печалба за подобро утре, бидејќи немало да јаде леб. Детето се покажало многу умно и работливо. Уште од млади години спечалило многу пари. Но, како минувале годините, тој станал возрасен човек и решил да се врати во родното село и со заработените пари среќно да живее заедно со своите родители. За да дојде до неговото село, морал да помине преку друго село, каде била мажена сестра му, па прво нејзе ја посетил и í рекол: “Сестро дојди утре во татковата куќа да прославиме”. Потоа продолжил кон родното село и стасал до куќата на татка си. Тропнал на врата, ама неговите родители не го познале. Па наумил да се пошегува. Си рекол во себе, утре кога ќе дојде сестра ми, ќе им направиме изненадување. Се претставил како другар на синот. Им рекол дека е здрав и жив нивниот син, и дека за нив пуштил малку пари. Го примиле и кога седнале на масата, го извадил паричникот полн со пари, па зел едно купче, и им го дал, велејќи дека, тие се поздрав од син им. Изморениот патник, кој како гостин останал да ноќева кај своите родители, длабоко заспал во татковата куќа. Кога синот бил занесен во длабок сон, кај старците преовладала лакомоста. Сопствениот татко го убил својот син со неколку удари со тврд предмет. Му ги зел сите пари и го закопал на едно пусто место во близина на куќата. Утредента пристигнала неговата сестра и со радосен глас извикала “кај е брат ми, да не спие уште”. Тогаш им се отвориле очите на старците и разбрале какво зло направиле. Следувало плачење, викање, кубење коси, кинење алишта, ама било веќе доцна. Нивниот син бил мртов.

Понекогаш ѓаволот не искушува да направиме дела кои ретко можеме сами да си ги простиме. Тој ја знае човековата природа. Точно знае на што лесно се паѓа – на лакомоста. Затоа е потребна внимателност. Да не паднеме во стапица, да ја отфрлиме лошата помисла. Лесно е со својата вера во себе и ставање на Бога на прво место. Таму ѓаволот е немоќен. Бидејќи само Христовата светлина може да ги убие заразните бактерии, кои лесно навлегуваат во срцето на човека, за тој да стане ѕвер, кој не размислува само да успее до целта, небаре среброљубието е најважното на овој овоземен живот, небаре нешто ќе понесеме со себе. Секако, не. Затоа треба широко да ги отвориме вратите на срцето и да дозволиме да направиме место за Христовите принципи, во секоја област на животот. Поведени од тоа, Бог нема да дозволи да направиме такво недело. За полесно справување со искушенијата, Бог штити.

Loading