ПРОСТИ МИ НАЈМИЛА МОЈА…

Тоа утро беше навидум исто како останатите, студено јануарско со неколку сончеви зраци и бело, ведро небо. Иста беше и оддалеченоста која требаше да ја минам до работното место. Само седум минути. Го носев и истиот капут како вчера, истиот шал ми го затоплуваше воздухот кој го дишев… Само јас не бев иста…

Врели солзи се тркалаа по моето лице и паѓаа на штотуку наврнатиот снег. Душата ми ја беше обзела некоја исконска тага, трпки како тртки ми минуваа по телото… “Мојот малечок син порасна”. Како да ги потиснам до таа мера мајчинските чувства, како да не го бакнам пред неговите другари, како да не му речам “мамичке, срце мамино, сонце на мама”, а да не поцрвени?

Вакви и многу други прашања ме следеа како сенка на мојот пат, кој не траеше само седум минути… Тоа беше патот на мојот живот. Се сетив на неговата прва насмевка, првото запче, првиот чекор, се сетив на секој негов збор, секоја реченица… Душата ми се беше стегнала како лешник, што го оставив својот син сам, што не му подарив најблизок пријател, сестра, брат… Во тие седум минути го сфатив она што не бев го сфатила цели тринаесет и пол години, “Требаше уште еднаш да станам мама”.

На работа веднаш ме дочека ведрото и весело лице на мојата колешка. “Бремена сум вторпат, ох каква безмерна радост, ох какво прекрасно чувство”! Плачев со неа од радост додека плачев за себе… Тескобноста беше прекината од мојот телефон “Добро утро мила” – го чув гласот на маж ми, “Како си, го пиеш ли утринското кафе”?… Молчев! “Каде си, ме слушаш ли, проговори”… “САКАМ ДА СУМ БРЕМЕНА”- реков и неможев да верувам во она што го изговорив… “Сакам да имаме дете, сакам, ох колку сакам да бидам уште еднаш мама”.

Уште истата ноќ почнавме да водиме љубов, почнавме да се обидуваме да зачнеме нов живот. Поминаа два месеца, два поразителни навремени периоди, уште две потврди дека ми одминало времето, уште два поразителни докази дека погрешив.

“Немаш никакви проблеми, можеш нормално да зачнеш, ПАП тестот ти е одличен, опушти се и сé ќе биде во ред”! –  беше одговорот на гинекологот.

Телото ми се грчи од желба, поматена ми е и свеста, не гледам никого и ништо… Сакам бебе!

“Дојди да те гушнам, мое единствено детенце, дојди и легни на стомакот на својата мама да те погалам по челото, дојди. Твојата мама можеби не ти подари најблизок род, но ти ја подари сета љубов на универзумот, собрана во мајчината прегратка, во мајчиниот бакнеж, во мајчиното срце”

Кога болката престанува, кога крикот се претвора во смеа, кога горките солзи стануваат радосници, кога темниот облак веќе го нема, дознав дека СУМ БРЕМЕНА! Ти благодарам Господе што дозволи уште еднаш да ја почувствувам оваа радост, ти благодарам што не ме остави на литицата на некоја река, на работ на лудило, фала ти што реши, што ми помогна да решам да не го оставиме син ми сам!

Уште откако го чув за првпат нејзиното срце, знаев колку бескрајно ја сакам!

“Мамо, можам ли да ја допрам дада”? – ме дочека еден ден прашањето на син ми.

Бев убедена дека ќе биде надмината секоја разлика во години меѓу нив, дека ќе се сакаат и помагаат додека сонцето ги грее нивните животи.

Светлината на мојот живот извира од тоа мало зрнце кое ми расте во утробата. Таа е дел од мене, една целина со мојата природа, продолжение на сите мои сништа, копнежи, на мојот живот… Основа за уште една моја бесмртност. Ја сакам уште пред да се роди, ја сакам уште од вечноста. Сите овие 14  години како да беа подготовка за средбата со моето уште неродено дете. Почувствував дека нема ништо поважно, подрагоцено, повистинско чудо, од “Чудото на животот”.

Се обистинија сите верувањата, надежите, згаснаа сите мои сомнежи, се стиши бурата во моето тело – ЈА ДРЖЕВ ВО СВОИТЕ РАЦЕ!

Колку прекрасно и незаменливо е чувството на мајка! Сите богатства на светот не вредат колку една нејзина насмевка, сите реки кои течат во светот не можат да се споредат со силината на мајчините чувства кога ќе го земе во прегратка своето дете… Плачев додека без престан изговарав – “ПРОСТИ МИ НАЈМИЛА МОЈА, што толку долго чекаше да дојдеш на свет”!

Барбара Синадиноска

Loading