ПРИЛЕП ЌЕ СОРАБОТУВА СО ЧЕТИРИМИЛИОНСКИОТ ГРАД ДЕЈАНГ

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ РИСТЕСКИ СО КИНЕСКИОТ КОЛЕГА ОД ДЕЈАНГ СТАВИЈА ПОТПИС НА МЕМОРАНДУМОТ ЗА СОРАБОТКА

КИНЕЗИТЕ ВО ПРИЛЕП ВО ОКТОМВРИ

Меморандум за соработка потпишаа градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески со неговиот колега од четиримилионскиот кинески град Дејанг при посетата на прилепската политичко – стопанска делегација на Кина на саемот на општините на земјите од Југозападен Балкан. Прилеп и кинескиот град ќе воспостават билатерална размена и соработка на полето на економијата, трговијата, науката и технологијата, туризмот и образованието – информираат од општина Прилеп, потенцирајќи дека нашата делегација, во чиј состав беа и претседателот на Советот Никола Димески и претставници од Тутунскиот комбинат, Витаминка, Мермерскиот комбинат, конфекцијата Комфи Ангел,  остварила средби со повеќе претставници на бизнис секторот од Дејанг. Двете страни се усогласија да  промовираат идна искрена и пријателска соработка.

Се очекува кинеската делегација од Дејанг да ја возврати посетата во октомври.

Во Кина беше и премиерот Никола Груевски, кој го посети саемското место на Македонија и имаше средби со високи функционери на кинеската влада, презентирајќи ги можностите на Македонија за вложување. Според македонската државна информативна агенција МИА, Груевски им понудил на Кинеските бизнисмени специјална индустриска зона само за Кинезите, која би им била порта за европскиот пазар.          

На средбите на Ристески и претседателот на Советот Никола Димески со поголем број инвеститори во Дејанг им  била презентирана културата и традицијата на Македонија, како и можностите за инвестирање во Прилеп. Особен акцент бил ставен на поволностите што се нудат за инвестирање во технолошко индустриската зона Алинци.

Градот Дејанг, со околу четири милиони жители, се наоѓа во кинеската провинција Сичуан, во јужно-централниот дел на Кина. Градот е развиен индустриски центар, каде свои седишта и капацитети имаат најголемите компании во Кина и во светот, како што е најголемата фабрика во светот за производство на турбини и генератори, потоа, фабрика за производство цигари и пури и други.

Loading