НЕЗАБОРАВ ЗА ТАТКОВИНАТА

НАШИТЕ ВО СТРАНСТВО – БОРИС ПАПУЧКОСКИ ОД САД

– СО ЧЛЕНСТВОТО ВО МАКЕДОНСКАТА ОБЕДИНЕТА ДИЈАСПОРА СЕ БОРИМЕ ЗА АФИРМАЦИЈА И ПРОМОЦИЈА НА НАЦИОНАЛНИТЕ ИНТЕРЕСИ НА АМЕРИКАНСКА ПОЧВА И ЗА ПРИВЛЕКУВАЊЕ НА КОНГРЕСМЕНИ И СЕНАТОРИ ЗА НАШИ ЛОБИСТИ

Еден од многуте Македонци кои желбата за поубав живот ги натерала да заминат “преку Барата” е Борис Папучкоски од Кривогаштани. Во 1971 година емигрирал во САД, иако добро бил ситуиран и имал платена работа во Скопје. Борис во 1973-та, со американски пасош, се вратил дома за венчавка со сопругата Цана. Од овде ја однел во САД.

– Млад бев, на 25 години, полн со авантуристички идеи, како секој човек на таа возраст. Сакав да го видам светот, набрзина, за некоја година да спечалам и да се вратам. Дадов документи за Австралија, Канада и САД. Од сите три држави добив позитивен одговор за емигрирање. Одлучив за САД, оти, се велеше, најбрзо се заработува – објаснува 67 годишниот Борис, додавајќи дека доволно било еден нашинец да гарантира да се емигрира.

Првин бил вилушкарист во печатница во Њу Џерси. Добро печалел. Разбрал дека подобро се заработува во железарниците во Гери, каде било полно со битолчани, ресенчани и прилепчани. Веднаш нашол работа. По обуката работел, бил бравар до пензионирање до пред пет години.

– Американците не бараа знаење на јазикот или искуство. Бараа да се сака работата, трудољубивост, енергичност и храброст. Многу наши, Срби, Хрвати, Бугари, Полјаци…, беа ангажирани во Гери, зашто работодавачите доверуваа задачи, кои знаеа дека ќе ги завршиме подобро и побрзо од Американците. Препознаваа дека сме за работа и затоа бевме ценети за вредни работници – кажува Папучкоски.

Англискиот го совладал спонтано, со потребата за разбирање со шефовите. Се учел првин “уличен” англиски, мешавина од англискиот и македонскиот јазик. Дружењето и приватниот живот не барал знаење на англиски, оти сите Балканци се разбирале меѓусебе. Во САД не дошло до поделби по национална основа и по распаѓањето на СФРЈ. Секој останал пријател со секого.

Папучкоски и додека работел, а поинтензивно во пензионерските денови е активист на Македонската обединета дијаспора. Таа организација е стожер за остварување на политиката за одбрана на македонските национални интереси. Ги организира Македонците и се спротиставува на антимакедонската активност на грчкото малцинство во САД. И низ црковните активности, многу Македонци, меѓу кои и Борис и неговиот син, организирале лоби група во американскиот конгрес за заштита на македонскиот идентитет. Дијаспората веќе привлекла 32 конгресмени – пријатели на Македонија, а има тенденција за пораст. Над сто илјади Македонци во САД делуваат и сами и групно со пишување на писма или протестни ноти до конгресмените и гувернерите на американските држави. За конфликтот во 2001-ва, дијаспората од САД испратила помош од милион долари вредна медицинска опрема. Дарежливи се за собирање средства за лекување на Македонец во САД.

Македонците во САД најмногу се населени на Источниот брег во државите Охајо, Илиноис, Флорида, Њу Џерси…, но ги има и во Тексас и во Калифорнија. Најголем празник им е Св. Петар, зашто тој им е патронот на црквата Св. Петар и Павле. На собирите во вторник и четврток се дружат, играат фудбал, ја негуваат традицијата преку културно уметнички друштва, а во недела следат богослужба. На собирите во септември е најголемото дружење, зашто се собираат од сите држави и од Канада. Негувањето на традицијата, размената на животни приказни, а и склучувањето на бракови меѓу македонски фамилии е печат на собирите. 

– Ја следиме состојбата во нашата татковина. Запознаени сме со проблемите и се трудиме да помогнеме. Не се ретки судирите со Грците за спорот со името. Сите се снимени и архивирани – вели Борис, кој по дарежливоста го добил прекарот “Мајка”.

Ги научил двете ќерки и синот за македонските вредности, па сега и тие се активни во Македонската дијаспора.        

Loading