ЗАЕДНИЧКИ ПРОТИВ ПРИРОДНИТЕ НЕПОГОДИ

ОШТЕТЕНИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ ЈА ИМААТ ПОДДРШКАТА ОД ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА И ВЛАДАТА

– ОКОЛУ 500 ХЕКТАРИ ПОД ТУТУН ВО СЕЛАТА БЕРОВЦИ, ЛАГОВО, ГАЛИЧАНИ, КАНАТЛАРЦИ СЕ ОШТЕТЕНИ ОД 80 ДО СТО ОТСТО ОД МИНАТОНЕДЕЛНОТО НЕВРЕМЕ ПРОСЛЕДЕНО СО СИЛЕН ДОЖД, ГРАД И ВЕТЕР

До 5 јули, комисиите за проценка на штетите предизвикани на земјоделските површини од минатонеделното невреме што ја зафати општинава проследно со силен дожд, ветер и град, треба да ги достават податоците до Советот кој потоа ќе го разгледа извештајот и ќе го испрати до Владата, а со цел обештетување на земјоделците. Стручните комисии веќе се во селата Беровци, Галичани, Лагово, Канатларци каде околу 500 хектари се сосема уништени, а речиси сите површини се неосигурани и со субвенциите за осигурување од 60 отсто на Владата. Стручнаците велат дека штетите се огромни и кај пченицата и јачменот.

Оштетените земјоделци не се оставени сами на себе, туку со  интензивни активностите меѓу локалната и централната власт. Се очекуваат конкретни чекори за помош. По невремето, министерот за земјоделство Љупчо Димовски заедно со градоначалникот Марјан Ристески беа меѓу очајните земјоделци. Тутунарите побараа осигурувањето на родот да се врши со склучување на договорите за производство на тутун.

– Невремето треба да е поука за земјоделците, зашто Министерството има дефинирани мерки за субвенции за осигурување. Ќе се консултираме дали може тутунот да се осигурува при склучувањето на договори – рече министерот Димовски.

Првиот човек на асоцијацијата на тутунарите, Данчо Милески,  информира дека компанијата Винер брокер го осигурувала тутунот според договорите на тутунарите со откупувачите, но тутунарите не го осигурале родот.

– Десетина уплашени тутунари, чии ниви не страдаа, ги обезбедија насадите со осигурителна полиса. Тоа е потврда дека родот се осигурува, иако тутунот не е досаден сосема – вели Милески.

Тутунарите побараа државата да ги надомести штетите, прогласувајќи елементарна непогода. Некои бараат да им се намалат давачките за полевање и концесиите да се скусат за 50 отсто.

Тутунарот Митре Трајчески се жали дека градот го испустил тутунот на 17 декари, во кој вложил четири илјади евра.

– Штетата е огромна. До корен уништен тутунот. Осигурителните компании не го осигуруваат родот пред да стаса за берба и пред да се се утврди потенцијалниот род – вели Трајчески на нивата кај селото Лагово.

Васил Мирчески вели дека градот го оштетил тутунот од 80 до сто отсто во атарот на селото Беровци. 

– Подоцна садениот тутунот ќе проникне и ќе има некој род, ама уништени се сосема пораните тутуни. Цело село со 100 фамилии тутунари не се осигурани, затоа што уште се сади тутунот. Инаку, 40 отсто од осигурувањето што го плаќаат тутунарите е 650 денари од декар, а остатокот од 60 отсто го плаќа државата – вели Мирчески.

На парцелата од 25 декари под тутун земена под концесија на тутунарот Орде Николоски градот направил пустош.

– Не е осигурана парцелата, оти имам лошо искуство со компаниите. Дел од родот стаса за берба, а дел уште се посадува. Затоа не е осигурано. Компаниите не осигуруваат ненасадени ниви. Од 2009 година уште сум со нив на суд за надомест на штетата на осигуран тутун –  кажува Николоски.

Градоначалникот Марјан Ристески вети експедитивност во работењето на Комисијата за утврдување на штетите.

НАСТРАДАА И ЈАЧМЕНОТ, И ПЧЕНИЦАТА

– Драстични се штетите и кај житните култури. Пченицата и јачменот се уништени на илјада хектари без шанса да се рехабилитираат, што е можно кај дел од тутунските насади, кои се неодамна засадени. Кај “отепаниот тутун” можеби ќе се спаси  нешто, но сотрен е родот кај пченицата и јачменот на околу илјада хектари – оценуваат стручнаците.

Во прилепско годинава се зголемени површините под тутун за 30 отсто. Околу 15 илјади семејства посадија над 15 илјади хектари тутун, од кои очекуваат над 17 илјади тони тутун. Лани тутунот просечно се откупи за три евра по килограм, плус државната премија од по едно евро од килограм.Тутунарите од прилепско лани заработија околу 50 милиони евра.

Loading