МЕТОДИЈА ШАТОРОВ-ШАРЛО – ЕНИГМА И ДЕНЕС

– ПОТПОЛНО ОСЛОБОДУВАЊЕ И РАМНОПРАВНОСТ НА МАКЕДОНИЈА, ДУРИ ДО БАРАЊЕ ЗА ОТЦЕПУВАЊЕ ЗА САМОСТОЈНА ДРЖАВА, БИЛ ЗАКЛУЧОКОТ НА ПК НА КПЈ ЗА МАКЕДОНИЈА ПОД РАКОВОДСТВО НА ШАРЛО

Вреднувањето на револуционерното дело на своите дејци е привилегија единствено на народот. Нивното место и етичка големина не згаснува во годините на наметнати политички интереси и дневни политики, па прашањата со “анатемисани” имиња, секогаш ќе бидат актуелни и шанса да се проговори во поинакви услови, со можност од оваа временска дистанца да се преиспита вистината и пропуштеното да се надомести.

Методија Шаторов – Шарло, долги години во југословенската и македонската историографија беше етикетиран како предавник на македонскиот народ. За политичките “престапи” во 1941 година, Комунистичката партија на Југославија на чело со Тито, донесе одлука за неговата наводна вина. Отиде подалеку, па побара да му пресуди партизанскиот суд. На првиот конгрес на СКМ, 1948 година, Лазар Колишевски го “доконкретизира” местото на Шарло, со што во македонската историографија за долги години беше запечатена неговата улога, па следствено политичкиот интерес за градење “беспрекорно” комунистичко општество во македонската историографија, настана молк за името на националниот деец, а документацијата уредно спакувана се најде депонирана некаде во архивите.

Денес случајот со Шаторов, предизвикува силна етичка и научна дилема колку пишаното во историската литература, а уште повеќе во научните трудови, соодветствува со објективноста.

Кој е Методија Шаторов-Шарло? Каква беше неговата улога во еден од најдраматичните периоди за македонскиот народ? За што се залагаше и како раководеше 17 месеци како политички секретар на ПК на КПМ? Дали со делото ги предаде претците или сосема спротивно, беше национален револуционер, кој перманентно ја следеше идејата и се бореше за самостојна обединета македонска држава?!

Безброј прашања, малку одговори. Најмногу од сé, одговорност во конечениот суд за Шаторов.

Хронологијата вели: Шарло е роден на 10 јануари 1897 г. во Прилеп во фамилијата Шаторови. Основно и средно образование стекнува во Прилеп и Битола, а диплома од Учителската школа стекнал во 1915 г. во Скопје. Во 1918 емигрира во Бугарија, вклучувајќи се во работничкото и синдикално движење. Се поврзува со Димо Хаџи Димов, работејќи во Емигрантскиот комунистички сојуз во Софија. Од 1920 г. станува член на синдикалната организација и член на БКП. Веќе во 1921 г. е секретар на партиска ќелија. Учествува во Септемвриското востание во 1923 г. Учествува во обновата на Софиската организација. Од 1925 г. бил вклучен во ВМРО (об), а во август 1926 г. бил избран за член на Комисијата за нелегални работи и член на Обласниот комитет на ВМРО (об) за Пиринска Македонија, со која раководи по неговото враќање од Германија во 1928 г. и во 1934 г. На Втората партиска конференција на БКП во 1927 г. во Берлин е избран за член на ЦК на БКП и бил избран за секретар на Софиската партиска организација. Во 1928 г. е затворен од бугарскиот режим. Во декември 1929 г. заминува во странство по партиска работа. Во февруари 1930 г. се наоѓа во СССР и во Комунистичката интернационала (Коминтерна). Во 1931 г. стапува во школото за изучување на Ленинските курсеви. Поради болест заминува во Германија, за да се врати пак во Москва во мај 1933 година. По налог на Коминтерната од февруари 1937 до октомври 1939 г. Шаторов заминува во Париз, да раководи со пункт (млечен ресторан) и да собира помош за интернационалните бригади, вклучени во Граѓанската војна во Шпанија. Префрлал и проследувал доброволци. Повремено има состаноци со партиската организација во Шпанија. Во револуционерната дејност е забележан под разни псевдоними: Митре, Катил, Каталин, Марко, Марко Каталин, Шарло, Пантелеј, Панајот, Бај Панајот, Димо, Стариот и Стариот Бугарин.

Од април 1940 до септември 1941 г. е политички секретар на ПК на КПЈ за Македонија. Додека раководел, македонската партиска организација доживува политичка ренесанса и се етаблира за сериозен политички фактор меѓу релативно младата работничка класа и селанството. Додека рајоводи со ПК првпат, документите, прогласите и повиците за кои се претпоставува дека се напишани од него се потпишани со ПК КПМ и партиската организација неофицијално стекнува одредена политичка автономија. Зрелоста во политичкото одлучување ќе се согледа во донесувањето и едногласното усвојување на Резолуцијата на  Покраинската партиска конференција на 8 септември 1940 г. во Скопје, што ќе значи усвојување на прва национална партиска програма. Во неа, се содржале решенијата за двете круцијални прашања по опстанокот на македонскиот народ, решавањето на националното и аграрното прашање. Позитивната политичка клима за партиската организација во Македонија, создадена од политичкото раководство и Шаторов во целост се заокружуваат во јануари 1941 г., со одржувањето на проширениот Пленум на ПК на КПЈ за Македонија. И покрај тоа што во овој период ПК на КПЈ за Македонија целосно ја следи линијата на КПЈ, дискусиите и одлуките донесени на Пленумот, содржани во т.н. “Решение”, кое едногласно било усвоено, покажуваат нов квалитет во однос за решавање на најзначајните прашања за македонскиот народ. Заклучокот укажува дека крајна цел на борбата на македонскиот народ е “Потполно ослободување и рамноправност на Македонија – дури до барање за отцепување за самостојна држава”. Јасниот политички став и национално-обединителниот концепт, чиј идеен творец и промотор бил Шаторов, го претставува фундаментот на национално-обединителната, државотворна програма на македонскиот народ. Ставот на Шаторов и ПК бил во колизија со општата југословенска линија, застапувана од Тито и КПЈ. Тоа било суштинскиот и примарен момент за политичкото разидување на двајцата партиски раководители што секако било резултат на нивните спротивни цели, а во исто време и реална опасност по глобалните интереси на генералниот секретар на КПЈ – Јосип Броз Тито. Понатаму, она што следува, како историски сплет на околности и епизоди во судбината на Шаторов и македонската партиска организација се само решенија на неизбежно балканско политичко сценарио. Дури и барањето на Шаторов да влезе како обичен борец во Скопскиот партизански одред, било одбиено, а тој суптилно предупреден за ризикот и судбината што го очекува доколку благовремено не се повлече и повторно емигрира. Под присила на осудата, без да се дочека одговорот (кој за волја на вистината, никогаш и не стигнал) на поднесениот писмен извештај (политичка исповед) од страна на Шаторов до “братските комунистички партии” и Коминтерната за неговата партиска работа во изминатиот период, Шаторов мораше да замине во Бугарија да ја продолжи борбата против фашизмот. За жал, неколку дена пред капитулацијата на Бугарија, на 4 септември 1944 г. како командант на 3 Воена оперативна зона, Шаторов беше убиен во борба со бугарската војска и полиција во мистериозни околности.

Заврши една трагична лична судбина, а Балканот остана посиромашен за еден исклучително изграден цврст револуционер, интернационален комунист, чесен политички работник и македонски национален деец.

Останува прашањето дали политиката на Балканот би била тоа што е и би дозволила во својот табор ваква физиономија на политичка личност да í ги “мати” интересите и “прочистува” балканските води?!

Уште побудува силен интерес не само кај обичниот читателски аудиториум, туку и во научната сфера ликот и делото на Шарло, неговата дејност во Македонија, Бугарија, европските политички центри Москва, Виена, Париз, Софија, Коминтерната, неговата замисла за местото на обединета Македонија во Балканска федерација, настаните, интересите и случувањата од поширок аспект за едно исклучително сложено време во светската историја – периодот на Втората Светска војна и регионалните и локални импликации. Затоа енигмата Шаторов  пак ги бранува општествените и научните води, барајќи ја вистината.

На 18 и 19 мај оваа година, петнаесетчлена делегација од Македонија, беше во посета на местото Милеви скали во Бугарија да го посети спомен обележјето на Методија Шаторов – Шарло, каде летото 1944 г. Шаторов – Бај Панајот како командир на Пазарџиската оперативна партизанска зона бил убиен, неколку дена пред капитулацијата на Бугарија. Шаторов пред борбата, на борците им истакнал: “Другари, сега положбата е таква што борба не можеме да не прифатиме… Должни сме да прифатиме бој со непријателот и да го уништиме, затоа што населението ќе ја изгуби довербата во нас и затоа побргу заземете ги своите места”. Тоа биле последните команди пред загинувањето со 12 партизани во крајно нејасни и мистериозни околности.

Во годините по војната и покрај ретките обиди за расветлување на смртта на Шаторов, вистината уште е закопана во тешко проодните терени на Милеви скали. Иако историјата како наука не дозволува претпоставки, сепак човечки е да споменеме: Дали историските текови можеа да бидат поинакви. Колкава е историската, политичката, духовната и етичката неправда, нанесена на името Шаторови и на револуционерната историја на македонскиот народ.

докторанд М-р Соња Николова

Loading