ТЕМЕЛ НА НОВА АВТОБУСКА СТАНИЦА

– ОД НОВА ГОДИНИ АВТОБУСИТЕ ЌЕ ТРГНУВААТ И ПРИСТИГНУВААТ ОД ТРАНСПОРТНИОТ ЦЕНТАР НА МЕСТОТО КАЈ ПРОТИВПОЖАРНИОТ ДОМ ШТО ЌЕ СЕ УРИВА

Модерна автобуска станица ќе никне по шест месеци во близина на железничката станица. Фирмата Пелагонија бус и сопственикот Горан Трпковски во присуство на министерот за транспорт и врски Миле Јанакиевски и локалните власти со црковна церемонија ги фрлија првите лопати бетон во темелот на објектот од 1200 метри квадратни.

– Европски стандарди се проектирани во новата автобуска станица. Дел од просторот ќе биде за перони, партерно уредување, билетарници, чекалници, а дел за придружни комерцијални содржини. Ќе се ангажираат околу четириесетина работници. Инвестицијата ќе чини околу половина милион евра – рече Трпковски, кој стопанисува со автобуската станица во Велес, Штип и во Берово.

Градоначалникот Марјан Ристески истакна дека автобуската е дел од концептот за транспортен центар и остварување на сонот на прилепчани од пред половина век.

– Руина е старата автобуска во центарот и одамна не соодветствува на потребите. Се најде инвеститор за модерна автобуска, која ќе биде дел од транспортниот центар, во кој, покрај железничката станица, ќе има и огромен мол. Просторот комплетно ќе се уреди со нови сообрајќајни решенија – рече Ристески, нагласувајќи дека од плацот ќе се дислоцира противпожарната единица во зграда на поранешното индустриско училиште, која веќе се реконструира за пожарникарите.

Министерот Јанакиевски изјави дека Владата секогаш ги поддржува домашните и странските инвеститори во реализација на проекти преку  олеснувања во процедурите околу градежното неизградено земјиште, чии ингеренции за стопанисување веќе се префрлени на локалната самоуправа.

Јанакиевски најави дека за една година комплетно ќе се обнови железничката станица во близина на новата автобуска станица.

Loading