ДАРИТЕЛСКИТЕ СРЦА НА БРАЌАТА ГЕОРГИЕСКИ

ОСВЕТЕНА НОВАТА ЦРКВА СВ.ВОЗНЕСЕНИЕ ХРИСТОВО- СВ.СПАС ВО С. ВОЛКОВО

Високо над селото Волково, од пред неколку дена се издига Божјиот храм Св.Вознесение Христово – Св.Спас, изграден од семејствата на браќата Ѕвонко и Алберто Георгиески, сопственици на фабриката за месни преработки Марфил. До ова прекрасно здание се стигнува по селскиот пат, на оддалеченост само од пет – шест километри од градот.

На ридот се чувствува продуховеност, оти зрачи новоизградената црква, “вајана” со камен од рацете на врвните мајстори од Пустец. Внатрешноста пак се одликува со смиреност. На иконостасот се забележуваат вештите потези на уметниците од Велес. И уметникот Блаже Атанасоски, историчарот по уметност, дал сјај на светиот дом преку живописот.

Врие народ неделното утро над Волково. Старо и младо се закренало од Прилеп подалеку да ги плакне очите од дарот на Бога на Георгиески. Градоначалникот Марјан Ристески, заедно со гостинот Јохан Тарчуловски, уживаа на зајдисонце, ден пред осветувањето, а  претседателот на советот Никола Димески ги почести ктиторите со присуство на осветувањето на новиот Божји храм, што го изврши владиката г.Петар. 

Гордите дарители, семејствата на Ѕвонко и Алберто Георгиески, се погрижија денот да го претворат во празник, организирајќи и пригодна културно уметничка програма, со настап на играорците од КУД ,,Мирче Ацев,,.

Двајцата раскажуваат дека сакале да направат добро, квалитетно, да остане за спомен.

– Христијански е да се помага, да се дарува, да се гради. Затоа не се штедевме во инвестицијата за градбата на црквата – велат Ѕвонко и Алберто.

Црквата ја граделе од 2006 година.

– Поводот беше тоа што во селото немаше црква. Имало пред векови во долниот дел, но отоманската војска ја уништила. Според некои истражувања, црквата се викала Св. Спас. Затоа пак ја изградивме и така ја именувавме. Нашето потекло е од ова село и затоа сакавме да даруваме црква, да има место и за венчавки, крштевки, за други верски обреди – вели Ѕвонко.

Алберто информира дека црквата е околу 100 метри квадратни или внатрешност од 60 квадрати.

Се чувствуваат пријатно, браќата, зашто создале храм за век и веков за населението, кое можеби со годините ќе биде дел од градот. Задоволство им било да вложуваат во црквата, иако била поголема инвестиција. 

Loading