ПРИЛЕПЧАНКА НА ЧЕЛО НА ЖЕНИТЕ СОЦИЈАЛИСТКИ

СПМ ГО ОДРЖА ИЗБОРНОТО СОБРАНИЕ НА ФОРУМОТ НА ЖЕНИТЕ ВО ПРИЛЕП

– ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА ГОРДАНА ТОШЕСКА НАЈПРВИН ЧЕСТИТКИ ДОБИ ОД ПРЕТСЕДАТЕЛОТ НА ПАРТИЈАТА, ЉУБИСАВ ИВАНОВ И ОД ГРАДОНАЧАЛНИКОТ МАРЈАН РИСТЕСКИ

Гордана Тошеска ќе го води Форумот на жените социјалисти, откако ја доби поддршката на членките на изборното Собрание на партијата кое се одржа во Прилеп, како и довербата на претседателот Љубисав Иванов. Таа ќе се бори за добивање на повисоки функции во општествено-политичкиот и економски живот за жените за да може да креираат политики, што ќе овозможат пошироки права и рамноправност на жените со мажите.

– Да се раководи со Форумот на жените социјалисти не е едноставно, имајќи го во предвид карактерот на нашата партија во чија програма рамноправноста, хуманоста и солидарноста се основа на идеологијата и се од највисок приоритет во политичко, економско и социјално дејствување. Сé уште голем е бројот на невработени жени кои како технолошки вишок и стечајци се најдоа на улица, на семејства кои живеат од социјална помош. Само економскиот развој и правилната распределба на доходот, односно профитот врз база на вложениот труд, може да ја подобри положбата на жената и да ги растовари од секојдневните грижи околу семејството. Да се избориме за повисоки функции во општествено-политичкиот и економски живот за да креираме политики на пошироки права и рамноправност на жените со мажите – вели Гордана Тошеска, претседател на Форумот на жени социјалисти.

Тошеска ќе ја поддржува политиката на Владата за повеќедетни семејства.

– Без резерва да ја поддржиме политиката на Владата за потребата од повеќедетни семејства, затоа што нацијата старее и, ако овој тренд продолжи, постои опасност од постепено изумирање на македонската нација. Жената е значаен и одлучувачки фактор. Но,  потребна е и помош од општеството. Форумот на жените социјалисти, ќе омасовува и соодветно ќе се организира да извлечеме не само квантитет, туку и квалитет. Да ги согледаме потемелно нашите можности и да понудиме соодветни квалитетни кадри. Да водиме регистар и, врз база на тоа, соодветна кадровска политика. На тој начин да го сузбиваме машкиот шовинизам – вели Тошеска.

Жените социјалисти ќе се залагаат да воведат нови методи и форми на организирање на трибини за теми од политичката економија, социјалната политика, здравството, образованието и слично.

Тошеска ќе ги посетува општините, ќе разговара со жените, ќе ја продолжи и прошири соработката со женските организации од другите политички партии. Се обврза да го зголеми бројот на жени социјалистки кои активно ќе се дружат.

Која е Гордана Тошеска

МАШИНСКИ ИНЖЕНЕР СО СЕНС ЗА ПОЛИТИКА

Гордана Тошеска е родена 1974 год. Мажена е и е мајка на два сина. Таа е дипломиран машински инженер на Универзитет Кирил и Методиј, насока – производно машинство. Во тек í се магистерски студии на Економскиот факултет во Прилеп на насоката маркетинг менаџмент.

Работно искуство собирала шест годин во Микросам. Од 2007 до 2009 г. беше ликвидатор на ВП Стерна во ликвидација. Директор е на ВС “Прилепско поле” од 2008 г.

Политички е активна од 2002 г. Потпретседател била на форумот на жени на ОО на СП Прилеп од 2004 г. до 2012 г. Учесник и организатор на многу хуманитарни акции, координатор при изборите, секретар на општинската организација на Прилеп, делегат на партиските конгреси. Со изборот за претседател на жените на СПМ, стана и член на Претседателството на СПМ. 

Loading