КУП МАНИФЕСТАЦИИ ЗА ПОТВРДА НА РЕНОМЕТО

За постигнувањата и успесите на учениците и професорите од СОУ Гимназија “Мирче Ацев” често се пишува и зборува во медиумите. Учениците се ангажираат на многу полиња, присутни се на сите натпревари во земјава и пошироко и организираат најразлични манифестации. Кусо, ги има насекаде каде е потребно знаење и каде се покажуваат вештини.

Да се напише сé за Гимназијата, учениците и професорите, потребно е многу простор и време, па затоа решивме да направиме една ретроспектива на успесите и активностите на гимназијалците и на нивните професори, сега, на крајот на учебната 2012/13 г.

Многубројните случувања започнаа во октомври кога со пригодна свеченост беше отворена канцеларијата на Кариерниот центар. Отворањето на канцеларијата  е дел од “JES” проектот на USAID. Училиштето е вклучено со повеќе ученици и со помош на професорите, изработуваат најразлични проекти за кариерен развој.

Изминатава година се организираа интересни манифестации кои го привлекоа вниманието на јавноста. На 8 декември 2012 г. гимназијалците беа организатори на одбележувањето на празникот Св.Климент Охридски. Со читање поезија и пригодна програма пред параклисот на Св. Никола во Прилеп, се оддаде почит на словенскиот писател и учител од десеттиот век.

Две трибини ја карактеризираа оваа учебна година. Едната на тема “Препознавање и развој на надарени и талентирани ученици во семејството и училиштето”. Предавач беше д-р Љупчо Кеверески, професор од Педагошкиот факултет во Охрид. На трибината присуствуваа голем број родители, професори, директори на училишта, ученици, претставници на БРО, а и градоначалникот Марјан Ристески ги истакна клучните фактори за распознавање на талентираните. Истиот настан беше збогатен со мала свеченост – се доделија благодарници за гимназијалците кои освоиле прво, второ или трето место на државните натпревари.

На 21 февруари 2013 г. се одржа трибина “Грижата на нашето општество за македонскиот стандарден јазик” по повод Меѓународниот ден на мајчиниот јазик, во организација на професорката по македонски јазик и литература – Емона Јованоска. Гости беа д-р Љупчо Печијарески, професор по социологија при Економскиот факултет во Прилеп, Елизабета Филипоска, новинар, директорка на телевизијата “Канал Визија” и м-р Душица Неделкоска, новинар од Прилеп. Присуствуваа ученици, професори и родители. Живо се дискутираше за употребата на македонскиот стандарден јазик и грижата што се покажува за него.

Гимназијата беше домаќин на натпреварот за млади истражувачи на Технолошко – металуршкиот факултет со  тема  “Нано материјали – материјали на иднината”. Од дваесет и трите натпреварувачки тимови, Комисијата како најдобар го оцени трудот на учениците Антониј Миоски и Огнен Попоски. По кој знае којпат Гимназијата се покажа како добар организатор.

Годинава Гимназијата третпат го организираше ГИМФЕСТ – от. Тоа е музички фестивал на кој се претставуваат талентираните ученици. ГИМФЕСТ е најомилениот проект на гимназијалците. Годинашното издание на ГИМФЕСТ локалните медиуми, а и пошироката прилепска јавност го нарекоа – спектакуларен! Добитници на наградите беа: Михаела Пацаноска со песната “Believe”, Теодора Зероска со “Готово е” и Стефанија Дукоска со “Fallin”. И годинава, како и лани, Гранд При – то отиде во рацете на Стефан Неданоски за изведбата на песната “Amor ti vieta”. Беспрекорна беше организацијата на директорот Кире Николоски и професорите м-р Татјана Иваноска, Мартин Наумоски, Марта Макеска, Емона Јованоска, м-р Маринко Шлакески, Николче Богданоски, Маријана Спиркоска, и на учениците од Младинската заедница од училиштето.

Фестивалот имаше хуманитарен карактер. Средствата беа донирани за обнова на манастирот Трескавец.

И додека во април Државниот просветен инспекторат вршеше редовна интегрална евалвација во училиштето, сите планирани активности се одвиваа според редоследот. Се подготви и се одржа модна ревија на креации, направени со редизајнирани материјали од отпад, кои ги изработија тимови од ученици, помогнати од професорите по ликовна уметност. Организатор беше професорката Марта Макеска. Се подигна општествената свест за зачувувањето на природата со намалување на отпадот преку неговата реупотреба.

На 24 мај, по повод Денот на просветните работници, Гимназијата организираше пригодна свеченост. Талентираните рецитатори интерпретираа стихови во чест на Св. Кирил и Методиј. Изборот на поезија го направија професорките по македонски јазик и литература –  Весна Михаиловска и Ленка Јованоска. Во програмата со музички точки се претставија и членовите на гимназискиот оркестар под диригентство на проф. Татјана Иваноска. Директорот Кире Николоски им врачи пофалници на голем број гимназиски професори – ментори на ученици, кои освоија прво, второ и трето место на меѓународни и државни натпревари.

Ова се само неколку од бројните манифестации што ги организираше Гимназијата во оваа учебна година.

Loading