ПОЛНИ ВИТРИНИ СО НАГРАДИ

Гимназијалците триумфираа, се радуваа, се качуваа на тронот на многу натпревари на знаење во државава и надвор од неа. Нивна заднина и помош беа нивните професори – ментори.

Гимназијата не би била тоа што е без нејзините ученици. Во гимназијата учат средношколци кои постигнуваат врвни резултати во сите области. Министерството за образование и наука во 2012 г. ја рангираше Гимназијата “Мирче Ацев” на високото четврто место во конкуренција на сите средни училишта од Македонија. Ова место прилепските матуранти го заслужија со обемното знаење и високите оценки што ги добија на екстерниот дел од матурските испити во јуни 2012 година.

Речиси нема државно натпреварување на кое не учествуваат гимназиските ученици и  редовно се враќаат со освоени награди. Најмногу награди во учебната 2012 – 2013 год. освои ученикот Антониј Мијоски. Тој е неприкосновен, кога станува збор за математика и информатика. На 56-тиот Државен натпревар по математика го освои првото место, на Математичката олимпијада освои златен медал и обезбеди учество на Балканската математичка олимпијада, која ќе се одржи на Кипар и Светската математичка олимпијада, која ќе се одржи во Колумбија. Антониј интензивно се подготвува за Олимпијадата во Колумбија, каде ќе ја претставува Гимназијата, нашиот град и Република Македонија. Антониј е успешен и во информатиката. На Државниот натпревар по информатика го освои второто место, а на Информатичката олимпијада освои бронзен медал. Ова се само некои од постигнувањата што придонесоа  тој да биде прогласен за Првенец на генерацијата ученици 2012-2013 г.

И други одлични математичари и информатичари се докажуваат на натпреварувањата. Еден е ученикот Стефан Николоски. На Државниот натпревар по математика тој го освои второто место, а на Државниот натпревар по информатика беше трет. Со успеси во математиката се докажаа и: гимназијалецот Марко Маркоски, кој освои второ место на Државниот натпревар по математика, а на математичката олимпијада освои бронзен медал; и Виктор Стојчески кој на Државниот натпревар по математика го освои третото место.

Гимназијата е расадник на таленти во сите области на природните и општествените науки, јазиците, спортот и други знаења и вештини.

Од 49-тиот Државен натпревар на млади истражувачи на Македонија (Народна техника), гимназиската екипа се врати со 6 награди. И тоа: Андреј Богатиноски освои прво место во дисциплината “Астрономија”, Петар Маркоски освои второ место во дисциплината “Електроника и електротехника”, Ева Антулеска освои второ место во дисциплината “Неорганска хемија”, Роберта Ацеска освои трето место во дисциплината “Екологија”, Божидар Грујоски освои трето место во дисциплината “Компјутерко програмирање”, Стефан Неделкоски освои трето место во дисциплината “Еколошка хемија”.

Успешна беше и ученичката Теодора Кочоска, која на меѓународниот саем на иновации – МАКИНОВА – Технома освои златен медал.

Географските карти и податоците за државите, народите, градовите, планините, реките, морињата… се интересни за учење и сакани од учениците. Тоа го докажа гимназијалецот Никола Момироски. Тој го освои првото место на државниот натпревар по географија.

И на полето на историјата, традиционално се нижат високи резултати. На овогодинешниот државен натпревар по историја, Петар Митрески го освои третото место.

Да се добие целосна слика треба да се набројат и спортските постигања на учениците. Ангела Стојаноска беше прва на државниот натпревар во стрелаштво. Денко Манчески беше трет на државниот натпревар по скијање. Мишела Димоска беше прва, Маријана Димоска беше втора, а Марија Зероска трета на државниот натпревар во карате – женска конкуренција, а во машка конкуренција Бојан Димески го освои второто место. Мартин Николоски четири години по ред е првак во Македонија по шах за средношколци.

Со многу награди се закитија и гимназијалците вљубеници во пишаниот збор. И тие творат,  учествуваат на натпревари и освојуваат награди. Теодора Јагуриноска освои трето место за најдобар есеј на државен натпревар организиран од ЕУ. Филип Димкоски освои трето место на Државниот натпревар за најдобро електронско кариерно портфолио, освои второ место на натпреварот за “Млади репортери” и неколкупати ја претставуваше Гимназијата на меѓународни поетски манифестации. Тука би ја вброиле и Теодора Сиљаноска, која е веќе докажана поетеса со својата збирка на лични творби, посветени на Тоше Проески. Таа годинава освои второ место на Меѓународен натпревар за најдобра лична творба. Одличен есеист е гимназијалецот Благоја Ивчески, кој во конкуренција на 375 есеисти од сите средни училишта во Македонија, го освои првото место на конкурсот организиран од Американскиот колеџ.

Кога се пишува за Гимназијата, треба да се напомне дека од нејзините клупи произлегле познати и актуелни политичари. И од денешните гимназијалци најверојатно ќе излезе некој политичар. Таква тенденција има матурантката Ангела Димеска. Таа учествуваше на националната симулација на Европски парламент, беше избрана за “европратеник” и ја претставуваше Македонија, како земја кандидат за членство во ЕУ, во Велика Британија.

Дека гимназијалците ја практикуваат хуманоста, докажуваат и со учеството на државни натпревари по прва помош, каде редовно се освојуваат некои од првите места. На Државниот натпревар гимназиската екипа по прва помош го освои првото место и обезбеди учество на европскиот натпревар во Австрија.

Во Гимназијата се негуваат музичката уметност и нејзините вредности. Силен е интересот за учество во гимназискиот хор кој е со долгогодишна традиција. Редовно учествува на државните натпревари и жнее награди. Паралелно работи и оркестарот. На овогодинешните државни натпревари, гимназискиот хор го освои второто место, а гимназискиот оркестар беше на врвот и освои Гран при за најдобар аранжман.

Посебно драги награди се: првото место на карневалот “Прочка 2013 г”. Во категоријата современа маска Гимназијата го доби првото место за маската “181 Далматинец”, како и две први и едно второ место за изработка на поединечна маска.

Зад успесите и наградите на учениците стојат професорите – ментори, кои знаењето несебично го споделуваа со учениците. Тие целосно се посветија на подготовки, консултации, помош со стручна литература и секаков вид на поддршка. Би ги навеле и нивните имиња: Маријана Спиркоска, Евгенија Нешкоска, Калина Секулоска, Афродита Стефаноска, Анкица Стеваноска Јанческа, Блаже Димески, Анета Стојческа, Петкана Цветкоска, Кирил Јосифоски, Ана Велјаноска, Владо Чакароски, Николче Толоманоски, Орде Цветаноски, Бранко Дисоски, Даниел Василески, Гоце Ѓорѓиоски, Ленка Јованоска, Весна Михаиловска, Виолета Блажеска, Кети Ефремоска, Татјана Иваноска.

Ова беше учебна година исполнета со многу успеси и награди на учениците, многу настани каде активно беа вклучени стотици гимназијалци.  Сето ова се случува без ни малку да се наруши редовниот наставен процес или нормалното функционирање на училиштето. Тоа е потврда дека учениците се подготвени да одговорат на сите барања од наставните програми, да бидат редовни на часовите и да покажуваат извонредни резултати во областа на науката, уметноста и спортот.

Најважниот фактор за ваква училишна клима секако дека е директорот Кире Николоски, кој дава несебична поддршка за идеите и иницијативите на учениците, ги охрабрува за нивните проекти и, што е пресудно, секогаш е меѓу учениците. Во една прилика, директорот Николоски, на прашањето што ја прави гимназијата уникатна и различна од другите средни училишта, одговори: “Гимназијата е различна заради прогресивноста на видиците на учениците и наставниците, визиите за иднината. Учениците во Гимназијата навистина се заедно во едно сплотени, нив ги поврзува ентузијазмот на една младост, сонот за големи нешта, бунтовништвото и непомирливоста, издржливоста пред искушенијата на животот. Тоа ја прави Гимназијата уникатна и различна од другите училишта”. Ваква е претставата за Гимназијата кај нејзините сегашни ученици, кај многу генерации гимназијалци претходно и визија на идните генерации.

Loading