ОРО НА ВЕМБЛИ

ПРВИОТ КОРЕОГРАФ НА КУД “МИРЧЕ АЦЕВ” МЕТОДИЈА ИВАНОСКИ – МИТО.

– ФОЛКЛОРОТ ГО КРЕВА ОД СТОЛИЦА НА 80 ГОДИНИ


Во педесеттите години од минатиот век никна културно уметничкото друштво “Мирче Ацев”, во рамките на Тутунскиот комбинат. Мегу првите луѓе кои се нафатиле да го трасираат патот за организирање на друштво за негување на македонскиот фолклор во Монополот бил Методија Иваноски – Мито. Не бил играорец, но бил мераклија на македонската изворна песна. Потскокнувал и подрипнувал на слави, веселби и на свадби, како секој сват. Нозете му летале и на Пајдушко и на други “плетенки”. Му лежеле импровизациите, освежувањето на чекорите на ората во духот на корените на фолклорот.

Кога го прашувате за ората, со ќеф го отвора долапот на душата никогаш не испрашен. Вади камче по камче од задоволствата, кои, како што вели, биле крунисани со наградата за Тешкото и Невестинското на КУД “Мирче Ацев” во Англија на меѓународниот фестивал на народни танци меѓу речиси сто дружини од целиот свет  при крајот на шеесетите години за време на крунисувањето на синот на кралицата Елизабета, Чарлс. Како добитници на највисокото признание, прилепските фолклористи биле почестени да настапат на фудбалскиот стадион Вембли во Лондон со неколку ора пред почетокот на некое фудбалско дерби од популарната англиска лига.

ТАНТЕЛЕНО ОРО

А темелот бил ставен две децении порано.

– Падна одлука да се соберат момчиња и девојки и да се организира културно уметничко друштво заедно со Илија Лашкоски и музичкиот илустратор Живко Фирфов од Скопје. Како да нé погодија во срцето. Душата ни се отвори од радост за довербата  да се организира група, оти секогаш си потпевнував, подигрував и ми се бендисуваа македонските танци. Салите се окупираа со млади, се подготвуваа ора, се редеа едно по друго и се тантелеа чекорите ситни. Покрај дарбата, црпев знаења, или се усовршував со посети на пробите на КУД Танец во Скопје неколку месеци по неколкупати во неделата. Така се создаде вештина за везење на ора, стари, со мали новини, за да се задржи уникатното. Дури одевме по селата, од куќа на куќа, на повозрасните да им го побараме од каселите рувото, односно носијата или наследството од своите родители. Собиравме и делови, само унечки, елечиња, капи и постепено се комплетираа сите играроци. Еден период тропав на тапан и бев кореограф. Но, главно играорец, ороводец и творец на нови чекори на “новооткриените” фолклорни ноти со нови аранжмани – вели Мито, додавајќи дека се нужни љубов и талент за да се игра.

ФОЛКЛОРОТ Е АМАНЕТ НА ПРЕТЦИТЕ

Додека го враќа филмот за патувањата и настапите низ Европа, кај речиси 80 годишниот Мито не спласнува страста за играта од младоста. Жедно ги гледа сите движење, ги фали талентираните “деца” и најдува мани, ако згрешат.

– Кога ќе слушнам оро, место не ме фаќа. Станувам од столица да направам некој чекор, да кренам нога во ритамот и да запеам, колку да ја исчешам “крастата”, колку да одржам малку “кондиција” што останувала во мене со годините. Орото има фатено длабок корен во мена, кој никогаш нема да се сотре. Вријам во танцов импулс и копнеж додека вијам раскошно оро по дома. Ми се чини дека додека претам, ќе играм. Додека ме држи снагата, ќе ја одржувам љубовта и ќе го пренесувам аманетот на нашите дедовци и прадедовци, затоа што народниот фолклор е нашиот препознатлив знак, ген, код и идентитет. Уживам кога ги гледам “децата” како умешно ги прават чекорите, но жалам што ја нема жарта кај младите како огнот што пламтеше во нас пред повеќе од половина век. Се радувам дека, покрај многуте предизвици, дел од младата популација одолева на модерниот живот и ги доловува ората на своите претци. Рај за очите ми се играорци, променети како во годините сред село. И срцето ми се полни, а ушите го регистрираат секој музички такт во напор за споредба со оригиналот. И телото ми трепери, а музиката ме гони во пријатен неспокој – кажува Мито.

Времињата се менуваат, а Мито открил дека, покрај фолклорот, незабележано станал заробеник на ракометот. Со градбата на Универзалната сала, се ориентирал на логистика на неколкуте ракометни екипи. Запаленоста во ракометот го однела да биде домаќин на клубовите на Тутунскииот комбинат.

Loading