СУБВЕНЦИИ ЗА ПРАКТИКАНТИ

Нова шанса за невработените и бизнисмените

Владата ќе надоместува по 5700 денари, плус осигурување и персоналец за обучување на невработени

Ќе се ублажува невработеноста за 2013 година со обука на невработените од три месеци со субвенционирање на фирмите, кои не можат да најдат соодветен работник.

– Компаниите ги отвораат вратите. Лицата, несигурни во своите вештини, се осигуруваат да ги подобрат знаењата и вештините, а после добиваат вработување. Фирмите можат да ангажираат работници со субвенции, од кои треба да задржат 50 отсто по завршување на обуката. На товар на државата паѓаат 5700 денари, плус осигурување на работно место и персонален данок. Обидите за злоупотреби на практикантите, предизвикуваат враќање на субвенциите – вели Влатко Поповски, директор на Агенцијата за вработување.

Според него најатрактивни се грантовите за самовработување, а Прилеп е една од поуспешните општини со 60 отсто на успех од неповратните средства.

– Се повеќе се бара конкретна стручност. Затоа е важно да се знае со колку лица се располага и се заинтересирани за работа. Ним ќе им организираме дообучување или насочување кон работодавачи – објаснува првиот човек на Агенцијата за вработување.

Тој обелодени и акциски план за вработување на млади.

– Се менува образовниот процес, образовните струки, се зголемува практичната настава, расте и интересот на фирмите за вработувања. Сепак кај фирмите недостасува волја и поттик за вработување млади. Зашто и тие главно се ориентирани на општествените науки, за кои нема работа, а потребни се технички насоки. Затоа ќе почнеме со тестирање на основците за ориентација на нивните таленти. Тоа е за зголемување на шансите за вработување во иднина – оценува Поповски.

Агенцијата за вработување ги промовираше новите мерки и дел од вообичаените за вработување со грантови и кредити, зашто во Прилеп има силен интерес за самовработување.

– Целта е и да се подигне нивото на рамниште на работодавачи, кои досега не беа инволвирани и буквално не стапнале во агенцијата, ниту аплицирале за ниту една мерка, иако се практикуваат од 2007 година – изјави Поповски.

Тој објасни дека со пререгистрацијата на невработените и со изјаснување на било која алтернатива, не се губи ниту едно социјално право.

– Здравственото осигурување, социјалната заштита е врзана со финансискиот приход, а не со статусот на активен или пасивен барател на работа. За здравственото осигурување треба да се достави документ дека примањата не надминуваат над 12 минимални плати. Пасивните баратели нема да можат да учествуваат во активните мерки, до моментот кога ќе се изјаснат како активни баратели. Пасивните нема да имаат никаква “казна”, а за активните ќе се потрудиме да ги направиме поатрактивни на пазарот на трудот – рече Поповски.

Инвентивни прилепчани    

За градоначалникот Марјан Ристески, Прилеп важи за најактивен корисник на владините мерки за вработување.

– Прилепчани се иновативни во креирањето на бизнис. Ги користат максимум сите поволности. Фирми станеле успешни од еден вработен, а сега имаат по 5-6 вработени. За грантовите веќе аплицирале 280 лица,од кои ќе се изберат најдобрите бзинис идеи. Прилеп ангажира над сто лица во јавните претпријатија за солидна плата. Акцент ставаме на индустриските зони – рече Ристески.

Во 2008 година, илјада души се вработиле со активните мерки на владата. Бројката се зголемува. Затоа се евидентирани околу 17 илјади, а беа 24 илјади невработени.

 

Loading