ПОДОБРО УТРЕ ЗА КРИВОГАШТАНИ

Тони Заткоски, кандидат за градоначалник од ВМРО – ДПМНЕ на Кривогаштани

ОК на ВМРО – ДПМНЕ од Кривогаштани го промовираше Тони Заткоски за кандидат за градоначалник во општината. Државниот службеник Заткоски доби шанса да ја бара довербата од жителите на Кривогаштани и околните населени места за прв градоначалнички мандат. Вели дека предизвикот да е кандидат од ВМРО – ДПМНЕ му било тоа што секогаш се стремел да го подобри животот во местото во кое се родил, да придонесе за развојот.

– Се радувам што ме поддржувате за кандидат за градоначалник. Ќе ја искористам довербата да ја градиме иднината на цврстите темели на минатото – изјави Заткоски, на промоцијата, потенцирајќи дека прифатил одговорност заедно со ВМРО – ДПМНЕ каде е закон ветеното да се исполнува.

Пред него стои широко поле на проекти.

– Претстои битка во која сме сигурни дека ќе извојуваме победа и тоа победа која до сега никогаш не се постигнала во Кривогаштани. Сé ќе направам да се развива општината. Ќе реализирам значајни проекти во инфраструктурата, ќе се реконструира патот Кривогаштани – Бучин, ќе се асфалтираат улици низ повеќе населени места, ќе се направи модерен булевар со два кружни тека. Максимален напор ќе вложам за странски инвестиции, особено во земјоделството, бидејќи е основна дејност на жителите во Кривогаштани. Со тоа ќе се отворат и нови работни места. Нема да се заборави образованието. Ќе инвестираме во изградба на спортска сала и детски игралишта. Ова се само дел од проектите за подобро утро на општината, која има одлична перспектива, што не ни дозволува ни за миг да запреме во остварување на ветеното. Да í го дадеме заслуженото на нашата општина и да си овозможиме напредок себе си и на нашите најмили – додаде Заткоски.

Програмата со која кандидатот од ВМРО ДПМНЕ ја бара довербата за прв човек во Кривогаштани била резултат на заедничка соработка со граѓаните.

Loading