ПОКРИВ ЗА ЦЕЛИОТ ПАЗАР

Со уште 1300 метри квадратни покрив ќе се заштити градскиот пазар, со што комплетно ќе се покрие пазарниот простор од четири илјади метри квадратни. ЈП Пазари за кусо време ќе затвори тендерот за избор на изведувач за покривање на сите тезги. Ќе се постават уште сто нови тезги, покрај постојните 400 без влијание на временските услови. Ќе се засолнат и муштериите и продавачите на текстил, железарија и бижутерија во подобри услови, со какви што веќе располагаат земјоделците и останатите трговци на зеленчук и овошје.

– Пазарењето не само во среда и сабота, туку и во останатите денови ќе стане ритуал не само за прилепчани. Изгледот, хигиената и целата инфраструктура, покрај богатството на понуда, привлекува муштерии и од соседните градови. Пазарењето им претставува празник и задоволство и на граѓаните од северниот дел на Грција – вели Пеце Димоски, директор на ЈП Пазари.

Локалните власти го субвенционираат комплетирањето на покривот на пазарот со околу сто илјади евра.

Наскоро во дел од пазарот ќе никне и простор за продажба на млечни производи по ХАССАП стандардите. 

Loading