ДРЖАВАТА ДАВА НЕПОВРАТНИ 3000 ЕВРА ЗА ВРАБОТУВАЊЕ

Со поволните услови, леб нашле 338 невработени

До 15 февруари, сите невработени со идеја за бизнис можат да конкурираат за добивање неповратни три илјади евра за почеток на бизнис, плус за регистрација на фирма. Ова е содржината на програмата за самовработување со неповратни средства, односно со грантови на Агенцијата за вработување. Државата нуди шанса на заинтересираните за самовработување.

Според директорот на Бирото за вработување, Силвана Пашоска, шанси сами да си оганизираат егзистенција со државни пари имаат долгорочно евидентирани невработени, оние со минимум една година, младите до 29 години, невработени од стечај или технолошки вишок и корисници на социјална помош.

– Приоритет имаат децата без родители, самохрани родители, родители на четири или повеќе деца, вклучетелно и Ромите, а најголема група се долгорочно невработени  –  објаснува Пашоска.

Владата дава неповратни 185 илјади денари.

– Проектот не е во пари, туку во опрема и репроматеријали, плус трошоците за регистрација на фирмата. Ова е најсвеж циклус на програмата од 2007 година – вели Пашоска.

Интересот и досега бил голем. Од 1200 апликации, 338 души отвориле фирми или ги формализирале веќе постоечките бизниси.

Лицата кои добиле грант лани имаат можност да добијат дополнителна помош од 1500 евра во опрема и репроматеријали, доколку вработиле уште едно лице.

Пропулзивните и перспективните бизнис идеи поддржани со државен бакшиш ги оправдуваат парите со тоа што за четири години нема да се пријавуваат во агенцијата за вработување.

– Доколку фирмата се затвори во првата година, се враќаат 80 отсто од средствата. Се враќа 60 отсто од грантот, ако фирмата се затвори втората година – укажува Пашоска. 

Поволните услови привлекуваат многу невработени. Прилеп е втор град, по инвентивни невработени, по Скопје. Од 200 конкуренти годишно, се даваат 50 – 70 гранта. Селекцијата се прави според одржливоста и  перспективи на бизнисите за повеќе вработувања.

НЕВРАБОТЕНИ ЗА СИНИ КАРТОНИ

Помалку од половината, од над 17 илјади невработени, според првичните анкети, не бараат работа, туку се евидентирани за користење на бесплатни здравствени услуги.

– Од 23 декември се пререгистрираат невработените во два регистри, од кои едниот е оние кои активно бараат работа и лица што не бараат активно работа. Тоа се повозрасни лица и кои се пријавуваат за користење на здравствени картони. За еден месец се диференцирале 680 лица. Од нив 60 отсто активно бараат работа, а 40 отсто не бараат работа –  вели Пашоска.    

Вака се утврдува точниот број лица кои бараат работа. Тоа е подлога за поефикасно услужување и посредување со фирмите со потреба од работници. Практично ќе се утврди реалниот број на невработени со квалификациите со кои располагаат. Новата програма нуди внесување на сите вештини на невработените, сите сертификати, курсеви, обуки…

 

Loading