ТЕСТОВИ ЗА ПОСИЛНА ОДБРАНА

Ракомет: Жито Прилеп во нова фаза од подготовките

Екипата на женскиот ракометен суперлигаш, Жито Прилеп успешно ја одработи првата фаза од зимските подготовки, на кои фокусот беше врз физичката кондиција, тактичко – техничкиот дел, а сега и тестовите. Во Скопје се одигра пријателска средба со шампионот Металург (41 – 22), меч кој без оглед на резултатот мина успешно, со кој чекор по чекор ќе се гради формата. Цел е подем во играта, со акцент врз зацврстување на одбраната.

Неопходни се побројни проверки, но на тој план не оди баш најдобро. Нема соодветни противници, а реалноста е дека во државава нема клубови на ниво за подготовки и во овој период да им е потребен ривал. Надежите се дека идната недела ќе се пријави нова екипа, можеби некоја од скопските како Вардар или пак ќе се закаже реванш со Металург во салата “Сонце”.

Најдобро е што ниедна од првотимките не заминува. Сите се задржани по договорите. Има и новодојдена со потребниот квалитет. Младата Маја Ивановска, десен бек од Куманово бргу се вклопува во новата средина и најдобро се покажува во одбранбените задачи. Тренерот Борче Марковски е задоволен од залагањето, текот на тренинзите и дисциплина без отстапки ќе се бара и натаму од професионалниот погон. Од ракометарките само пивотот Марија Серафимовска се жали на повреда, која ја принуди на отсуство.

 Екипата на 23-24 февруари гостува на првенствен меч во Куманово, на 3 март дома игра дерби со Металург, а на 8 март е гостување во Белград, Србија, на турнир од ЖРК Милениум.

Loading