ТУТУН, НАМЕСТО ЛОНДОН

Даниел Мирчески  на тутунските корени

За едно евро субвенција за килограм, се вратил дома од Велика Британија да сади сто декари тутун

Примамливите услови и финансиската помош од државата го натерала 32 годишниот Даниел Мирчески да се впушти во, за него, непознат бизнис кој не само што ќе му биде главна дејност, туку и добро ќе заработува. За разлика од сите млади кои преферираат живот во “белиот свет”, Даниел ја напуштил Британија и се вратил дома, во родниот Прилеп да одгледува тутун. Иако никогаш не фатил колче в раце, не знаел ни леа што е, ниту ја почувствувал утринската роса на нивата, или пак спарнината и лепливоста на туткалот на прстите кога тутунот ќе се бере на пладневното сонце, Даниел сега е најголемиот тутунопроизводител во прилепско. Со вложувањата од неколку десетици илјади евра во скелиња, купување на простори за складирање, машини за расадување, за нижење, превозни средства и друга техника, успева да одгледува тутун на дури 100 декари. Тоа е 20 пати повеќе отколку што обработува едно просечно прилепско семејство.

Без знаење “т”, од тутун

Мирисот на профитот од тутунот го вратил од Британија, иако за тутунот не знаел ништо, како се работи, освен што гледал како дете како тутунот го обработувале неговите родители. Мотивот да се зафати со производство биле привлечниот амбиент и субвенциите кои ги дава државата. Англија не е ветената земја. Дојдов во родниот крај, каде припаѓам, и решив да се занимавам со тутунопроизводство. Ова ми е трета година. Првата имав 7 хектари, втората 5 и сега планирам 10 хектари. Цените за килограм тутун се повисоки од година на година – вели Даниел. Нивите на кои сади тутун ги зема под кирија. Постојано ги зголемува површините. Располага со механизација за обработка на тутунот. Има трактори, машини за садење тутун… Сакам да инсталирам и систем капка по капка за наводнување. Уште тоа останува да го заокружам комплетно процесот на производство на тутунот – објаснува Мирчески. Се интересира за најавите на одредени откупни компании кои преку американците ќе донесат машина за берење тутун која наскоро би се демонстрирала пред прилепските тутунари. Со тоа целиот процес би бил современ односно следен со машини.

Бара машина за берење

Најслаба алка во процесот на тутунопроизводството е рачното берење. Успева да ангажира аргати, берачки да го собираат родот. Главна координаторка и моторната сила на нивата во летен период е неговата сопруга Добрина, по потекло од Неготино. Успеала да ја научи “душата” на тутунот. Таа не само што ги води и им дава упатства на берачките како да берат, со труд успева да “сутне” голем број тутунски стракови и да ги наполни касетките за нижење  тутун. Тешко се наоѓаат вредни и чесни работници. Сакаат да ги платиш, а да не работат. Тешко се организираат, но успеваме. Замислете 20 или 50 жени на едно место… – вели Даниел. Освен државната субвенција од евро за килограм тутун, Даниел инвестира во бизнисот. Смета дека би било добро државата да субвенционира и во нафтата. Но, ќе ја користи можноста за субвенционирано осигурување на тутунските насади од невреме, град, дожд. Задоволен сум. Со набавката на новиот систем за наводнување, планирам раст на приносите за 20 – 30 насто – вели Даниел. Трошоците може да се намалат, но не и кај репроматеријалите. Од в година планирам да обработувам многу повеќе, ако излезе машина за берење. Берењето е “тесното грло”, затоа што е најтешко. Благодарен сум што реонската служба од Тутунскиот комбинат ми е на располагање по 24 часа со стручните совети. Во монополот го носам сето производство и за мене друга откупна компанија не постои – вели Даниел.

Успехот се должи во добрата организација и поставеноста на работите. Вели дека многу е важно и добро да се сработат сите фази од тутунопроизводството.

– Копам, прскам, учествувам во полевањето на тутунот. Расадите ги подготвувам сам. Работнички ангажирам за плевење, за корнење и садење. Да се засади целата површина, потребни се 15 дена. Или 20 работнички ќе корнат расади, а јас со 5 работнички ќе садам, бидејќи машината е таква – вели Даниел.

Системот капка по капка треба да се постави во зависност од коренчињата. Потребни се околу пет илјади евра и за системот за наводнување со шумици, кој прави вештачки дожд или пак со бумови. Тутунот го сместува во Славеј каде има објект од околу 1400 м2. Таму му се и скелињата, таму се суши и чува тутунот.

Во Велика Британија, дрвниот техничар Даниел имал градежна фирма со 10 работници. Во Англија поминал 6 години. Но дома си е дома.

Loading