Котевски е нов тренер на Деспина

Ракомет

Женскиот ракометен суперлигаш Деспина има нов тренер – Андријано Котевски. Ова е крупна промена во клубот затоа што седум години на таа позиција беше Страшо Илиески. За потсетување, тој од летото 2017 стана тренер наследувајќи го Рубин Богојески, токму тогаш кога клубот од Прилеп се преименува во Деспина. Додека беше Илиески, Деспина највисок пласман достигна во сезоната 2020/21- петто место за учество во ЕХФ Европскиот куп. Претходново првенство беше освоено 9. место меѓу 14 тима.

Што се однесува до Котевски, ракометната јавност го знае по титули со кадетските тимови на скопски Вардар и Прилеп, со пионерките на Пелистер, по учество во Стручниот штаб на Македонија на Кадетско европско првенство, како и по тоа што беше тренер и на машкиот клуб Прилеп, пред четири – пет години. Во Деспина доаѓа од женската екипа Пелистер. Претстојат денови кога ќе се знае дали ќе има промени и во играчкиот кадар. Таму највозрасната Мери Гичева продолжува и како играч и како помошник – тренер. Првиот собир е закажан за 5 август.

Подготовките наскоро почнуваат и за машкиот клуб Прилеп.

Loading