На снимањето во Загреб со слика од Могилата

Познатиот фолк-пејач Жика Ивковиќ живеел и во Прилеп

Нема кој не слушнал за Вера Ивковиќ, а покрај неа многу популарен во некогашната Југославија беше и нејзиниот брат Жика Ивковиќ, двајцата фолк-пејачи. Еден дел од животот Жика минува во Прилеп, на служба во тогашната ЈНА. Во Гарнизонот “Мирче Ацев” работи меѓу 1970 и 1978 година. Според спомените на нашите соговорници, кои не сакаа да ги именуваме, Жика бил секогаш расположен и весел човек, користејќи ја секоја мозност да отсвири нешто на хармоника или да испее некоја песна.

Родум од Смедерево, учел во Бања Лука офицер за оклопни механизирани единици, а потоа бил префрлен во Прилеп.  Млад, на 19 години, добива чин водник прва класа.

Кога живее во близу хотелот Липа, добил инспирацијата за првата песна која ја снимил за загрепски Југотон, со наслов “Самачка туга”. На плочата е и песната “Сви се момци оженише”. Натаму се редат песните “Вољена домовино”, “Твоје неверство”, “Сутра кад чујеш звона”, “Ја морам да пијем”, “Напиши ми једно писмо”, “Морам да те молим”,.. Околу 40, повеќето испеани додека живеел во Прилеп. Во 1974 година снима две песни со наслови “Ја волим мајко циганку” и “Узалуд су сузе вреле”. На пакувањето на плочата е сликан на Могилата на непобедените. Желба му била на една од плочите да биде и овој град со споменикот познат на пошироката југословенска јавност.

Се обидувал да пее и македонски народни песни. Го барале по сали и кафеани, по хотели. Го викале и дома, за родендени и разни домашни прослави. Пеел во Прилеп, во Крушево и во други градови. Не се изчезнати сеќавањата на концертот во касарната, заедно со големата ѕвезда Шабан Шаулиќ.

Интересно за Жика е што секогаш прва песна му била “Чобан тера овчице”. Без неа никогаш не почнувал, според својот “закон”..

Чудно е како издржувал со “две лубеници под една мишка”. Ем офицер, ем пејач. Конечно решил да се посвети само на музиката околу 1978 година. Се разделува и од ЈНА и од Прилеп. Дали на ова имало влијание некоја случка кога некој со пиштол од невнимание го повредил, тешко е да се оцени, бидејќи бргу закрепнал. Или, можеби музиката е најсилна причина без која не можел во животот, без целосно да и се оддаде, Во Прилеп се оженил со Љубица, им се родил синот Саша. По заминувањето неколкупати навраќал во Прилеп. Имал заеднички концерт со неколкумина колеги во салата Македонија. При тоа и се обратил: “Драги мои прилепчани, следечи пут ако доџем, сам чу да наступим овде.”

Патот го носи во странство, во Германија. Животот престанува да му е песна во 2012 година. Умира сестра му Вера Ивковиќ, а при престојот во Белгија пред негови очи е се случило убиството на син му Саша. Оттогаш никој ништо не слушнал за него.

Единствено остануваат убавите спомени за подалечното минато кај постарите генерации во Прилеп.

Loading