ПЕНЗИОНЕРСКИ ИЗЛЕТ ВО ПАШИНО РУВЦИ

По десети пат, околу 300 прилепските пензионери организирано во вторникот се собраа во големиот манастирски двор на црквата Св. Ѓорѓи кај селото Пашино Рувци. Оние кои првпат го водоа убавото место беа воодушевени од манастирскиот комплекс, посебно од црквата. На расположените пензионери, сојузник им беше убавото време. Ја пофалија идејата за средба на отворено, негувана десетина години. Искажаа многу комплименти за организацијата од страна на прилепското здружение на пензионерите. Покрај годините, насмеаните и весели пензионери не го “штедеа здравјето”.  Ги “растресоа старите коски”, развија широко оро, покажувјќи дека секој дел од животот треба да е радосен, без разлика возраста. Сé на сé, луѓето во поодминатите години минаа убав пролетен весел ден, заборавајќи на нивните секојдневни мали обврски.

Претседателот на прилепската пензионерска организација, Славко Трајкоски, ги поздрави колегите, посакувајќи им здрав живот, среќа во  семејствата и уште многу вакви средби, кои се претворија во традиција. Кажа дека пензионерите од Битола и Кавадарци, со кои Прилеп е збратимен, го откажале учеството од оправдани причини. Се надева дека в година манастирскиот двор ќе биде “окупиран” со над илјада пензионери од неколку  здруженија од регионот.

Присуствуваа и членови од Здружението на инвалидските пензионери од  Прилеп.

Трошоците за годинешната средба, трета на ова место, целосно беа покриени од прилепското здружение. Пензионерите имаа бесплатен автобуски превоз,  ручек и друго.

Вакви пикник пензионерски веселби се организраа во манастирите во Присад, Беловодица, Прилепец, Писокал…

Селото Пашино Рувци се наоѓа во општината Кривогаштани, на околу 30 километри од Прилеп. Во пишаните документи се споменува како Русче и Рувце меѓу 1650 и 1750 година. Во турските тевтери е познато како Големо Рувци. Некаде стои дека е именувано како Рувџи Паша. Според последниот попис, во селото живеат 277 домаќинства со 657 жители. Околу се поврзани селата Бела Црква, Обршани, Воѓани во општината Кривогаштани. Мал е интересот за миграција во странство, оти населението добро живее со производство на земјоделски производи, пиперки, домати и други зеленчуци, житарки, и, секако, тутун.

Изградбата на манастирската црква посветена на Св. Ѓорѓи, е почната со откривањето на темелите на стар храм во месноста Црквиште, 1,5 км од селото. Во 1990 г. во селото дошол рувчанецот Живко Кочоски, иселен одамна во Њу Џерси, САД. Им кажал на соселаните дека на сон му било посочувано да изгради божји дом. Го исполнил сонот. Купил земјиште на местото на сегашниот манастирот. Со божја премисла и со помош на соселаните и финансиска помош  од иселениците во Америка, се ставиле темелите на местото на старата црква во 1991 г. Како што сакал донаторот, црквата била посветена на Свети маченик Ѓорѓи. Храмот е во крстовидна форма. Подоцна се кренале и конаците кои уште се прошируваат.

Loading