КУЧИЊАТА СКИТНИЦИ “ИЗЕДОА” 100 000 ЕВРА НАШИ ПАРИ

Како отштета на граѓаните за каснување од кучиња, скитници од општинскиот буџет и од сметката на Комуналец лани биле платени над 100.000 евра. Во просек се плаќале по 1000 евра за каснување на скитниците, со “маркица” или без неа. Слична сума се очекува и годинава.

Локалните власти се сомневаат дека нападите на бездомните кучиња не се реални и побарале од надлежните да се испитаат случаите.

– Загрижени сме за големиот број на пријавени лица каснати од кучиња и методологијата како се докажува и верификува веродостојноста на повреденото лице. Побарав од јавното обвинителство да спроведат истрага и постапка доколку има неправилности во методот на докажување – вели градоначалникот Борче Јовчески.

-Бараме од полицијата известување каде се случило каснувањето, службите поскоро да излезат и да утврдат дали кучето е скитник или има сопственик – вели директорот на Комуналец, Рубин Абрашоски,

Инаку, Прилеп доби современо возило за заловување на кучиња преку агенцијата за рамномерен регионален развој, вредно 2,4 милиони денари. Со возилото ќе може да се заловуваат повеќе кучиња. Располага со 10 боксови за носење до Комуналец. Во стационарот со 13 боксови, кучињата се чуваат 30 дена, се хранат и вакцинираат и ако не се јави сопственикот, се враќаат на местото на заловување.

Loading