ОД АМБАЛАЖАТА  – ПАРИ, ПРЕКУ РОТАРИ КЛУБОТ И ПАКОМАК

ЕКОЛОГИЈА ПРЕКУ ИНОВАТИВНА ТЕХНОЛОГИЈА

Две повратни вендинг машини за пластична ПЕТ амбалажа и лименки се поставени во двата маркети на Футура в центар и зад Уредот. За селектираниот отпадот, граѓаните ќе добиваат зелени поени или пари, со кои ќе можат да пазарат во маркетите. Машините се дел од проектот „Екологија преку иновативна технологија” на Ротари клубот Прилеп и Пакомак, со поддршка на неколку повеќе општествено одговорни компании. Со тоа градов се приближува кон светската пракса за подигање на свеста за потребата од селекција на отпадот.

– Она што треба да се истакне е дека на овој начин селектирањето е со бенефиции, граѓаните со исфрлање на пластичен амбалажен отпад и со фрлање на лименки ќе добиваат зелени поени, а со зелени поени понатаму ќе може да пазаруваат во маркетите Футура, а понатаму и секаде каде што ќе има поставено такви машини. Нашата насоченост како клуб и понатаму ќе биде во делот на животната средина, од причина што тоа е прашање кое е исклучително актуелно и важно. Вендинг машините се со многу голем капацитет, околу 450 илјади шишиња годишно за двете – истакна Орде Ѓеорѓиески од Ротари клубот.

Преку апликацијата, симната од интернетна своите паметни телефони со најава, граѓаните ќе може да пуштаат пластични шишиња и лименки од пијалоци, но не и шишиња од јогурт, други млечни производи, како и амбалажа од хемиски препарати.

– За секое шише или лименка се добива по еден поен, а два поени имаат вредност од еден денар. Кога ќе се соберат на пример 200 поени, може да се подигне ваучер од 100 денари кој може да се искористи за попуст при пазарење во маркетите од „Футура”. Минимум се потребни 20 поени за подигање на ваучер за 10 денари попуст, кој мора да се искористи во наредните 24 часа од подигањето. Поените може да се собираат преку целата година и нема лимит” – истакна Ико Брдароски од Пакомак.

Амбалажата треба да биде целосна и да не е сплескана.

Loading