ДВОЈНО, ДУРИ И ТРОЈНО ПОВИСОКИ ДАВАЧКИ УДРИЈА ПО ЏЕБОТ

По пристигнувањето на дел од решенијата за данок на имот, прилепчани со реакции

Растат реакциите на дел од граѓаните по добивање на новите решенија за данок на имот за годинава кои се повисоки во споредба со лани. Досега се испратени даночни решенија на околу 30 отсто од граѓаните. Затоа се очекува  наскоро да ескалираат забелешките за висината на данокот на имот. Се негодува, бидејќи треба да се плати двојно, дури и трипати повеќе, со што локалните власти удираат по џебот на граѓаните. Од Локалната самоуправа уверуваат дека мора да се почитува законската обрска. Најголеми се забелешките околу оданочувањето на нивите во близина на градот, а кои заради новата реонизација на градежниот опфат имаат третман на неаграрно земјиште. А пораснала и пазарната вредност на куќите и становите. Последниве неколку години имало повисоки купопродажни договори. Што значи, прилепчани станале побогати, односно нивниот имот повеќе вреди, а за тоа не биле свесни.

На социјалните мрежи, се објавуваат решенијата за даночно задолжување, коментирајќи дека воопшто не извршиле интервенција за зголемување на градежната вредност, но затоа пак им рипнала пазарната, а со тоа и основата за пресметката на данокот на имот. На пример, реагираат зошто за нива од 3-4 декари за која плаќале пред две години само 150 денари, сега треба да дадат повеќе од 50 евра. Или за куќа, во која ниту шајка не е закована дополнително, во “Димо Наредникот”, данокот на имот рипнал двојно. Меѓу рекциите некои не се реални или се иссилени, заземајќи политичка ставови, но факт е дека јавните давачки скокнале. Некои граѓани го прикажувале имотот со ниски вредности и плаќале мали давачки. Кога е направена ревалоризација, на примерм за сатан кој бил пишан дека вреди 10 000 евра, а сега е проценет на пак ниско на 30 000 евра, добиле трипати повисоки даночни обврски.

И од Локалната самоуправа признаваат дека даночните задолжувања за граѓаните се повисоки од претходно. Објаснуваат дека Одделението за администрирање со приходи после измените на Законот за данок на имот од 2021 ја ревидираа пазарната вредност на недвижнините, која е основа за пресметка на данокот на имот. Пазарните елементи ја менуваат вредноста на објектите. Последните 3-4 години зголемена е вредноста на имотот при продажба. Неаграрното земјиште се оданочува со стапка од 0,1 отсто. Земјиштето во градежниот реон според Генералниот урбанситички план се оданочува со ставка од 0,1 отсто. При утврдување на вредноста се користи методологијата – пазарната вредност, градежна, атрактивност и локација. Основната даночна стапка е 0,1 отсто и е непроменета. Во становите во кои се живее има повластена стапка од 0,05 отсто, дури и ако е со поголема површината. Со измените на Законот за данок на имот воведени се нови даночни стапки за лица кои подолго од 6 месеци не го користат имотот. Тие се задолжуваат со три пати повисок данок, а непријавениот данок се оданочува петпати повеќе за тековната година кога е откриен.

Неодамна, Одделението за администрирање на приходи преку соопштение ги извести сите правни и физички лица кои имаат обврска за плаќање на данок на имот и комунална такса одговорно да пристапат кон наплата на своите обврски.

Граѓаните ги интересира каде одат нивните пари и кои услови за живот им се подобрени со новите давачки кои се слеваат во општинската каса. Локалната самоуправа треба да им објасни на жителите зошто, како и што со парите кои им ги зема како давачка за имотот кој го спечалиле. Граѓаните не гледаат подобрување на градската инфраструктура која се плаќа со нашите пари. Градот е во темница, не се рехабилитира осветлувањето, улиците се како решето, собраќајниците се тесни грла, нема експропријација и по 40 години… Ја нема реализацијата на изборните проекти, освен пред неколку месеци асфалтирањето на десетина улици и изградбата на дел од плочникот до училиштето “Кочо Рацин”. Единствено што се гледа е новата градинка во Точила, која е речиси готова, но никако да се стави во функција, а тргната е со градба без банка да се плати во времето на Илија Јованоски, а речиси сосема е платена од актуелните градски власти во висина од повеќе од 2,3 милиони евра.

Реакција на СДСМ

Енормно зголемување на данокот

Според СДСМ, продолжува со несмален интензитет безмилосното пљачкање на граѓаните на Прилеп во режија на ВМРО-ДПМНЕ и Борче Јовчески. После поскапувањето на комуналните услуги, паркингот и градскиот превоз, сега прилепчани ќе плаќаат и драстично повисок данок на имот.

“Заради нетранспарентноста на градоначалникот и локалната самоуправа, граѓаните уште немаат точна информација колку локалната власт длабоко ќе буричне во нивните џебови. Покрај невештиот обид за манипулација, јасно е дека поскапувањето на данокот за куќи, станови и земјиште ќе биде драматично.

Од малкуте решенија досега се доставени до граѓаните, може да се види дека зголемувањето на данокот на имот се движи од 60, до фантастични 300 отсто! Иако постојат најави дека ниту тоа не е врвот и дека решенијата кои ќе стигнат на домашна адреса, на многу наши сограѓани ќе бидат им битад до петпати повисоки во однос на лани. Она што е подеднакво трагично со новиот арач, е леснотијата со која ВМРО-ДПМНЕ и Борче Јовчески го кршат законот – велат од СДСМ.

Потсетуваат дека градоначалникот донесува решение за висината на данокот на имот најдоцна до 31 март во годината, а досега добиле само 20 отсто од даночните обврзници. Затоа мора да следува соодветна санкција од правосудните органи за градоначалникот и надлежните – сметаат од СДСМ.

Loading