ПОМАЛ РОД – ПОВИСОК КАЛИТЕТ

Тутунопроизводство

Годинава реколатата на тутунот ќе биде покуса за 30 до 40 отсто. Според стручњаците, тоа се должи на дождот за време на расадувањето, сушата пред бербата и во раст на родот. За среќа, ако нема квантитет, родот е со висок квалитет.

– Иако тутунот се засади на поголеми површини, сепак родот е помал. Календарски, бербата е на половина, а во некои реони е при крај, затоа што нема доволно род. Пролетните дождови го зедоа данокот. Многуте врнежи предизвикаа и болести. Потоа го фати сушата. Но, произведеното е со одличен квалитет. Нема килажа, но ќе може да се компензира со квалитетот – вели Менде Стомнароски, претседател на Сојузот на земјоделските здруженија на Македонија.

На послабиот род се жали и тутунарот Милан Стојаноски, кој оваа култура ја засадил на 15 декари.

-Производството е преполовено. Родот го “турнаа” дождот при расадувањето и жештините при растот. Голем проблем е и наводнувањето. Лани собрав три тона, а годинава очекувам околу тон и половина. Да имавме вода за наводнување летово, немаше да биде падот толку голем. Хидросистемот не стигнува, иако вештачкото езеро е полно. Нужно е наводнување, зашто со овие временски промени ништо не расте без вода. Државата  треба да овозможи дупчења на бунари, ако сакаме да го задржиме тутунопроизводството. Младите не сакаат да работат тутун, уште помалку без вода – вели Стојаноски.

Сојузот на земјоделските здруженија смета на поддршка од Министерството за земјоделство и на конструктивен дијалог со откупувачите за повисока цена на тутунот, поради инфлацијата, зголемените трошоци за репроматеријалите и нискиот стандард на живот.

– Очекуваме Министерството да се заземи за повисоки цени. Бараме тутунот да се плати поскапо, во согласност со инфлацијата и со движењето на цените на репроматеријалите. Поинаку, не се задржува рентабилноста на тутунопроизводството. Демне зијан и загуба, а со тоа и отсуство на тутунот од нивите и засилено бегство на младите во странство – вели Стомнароски.

Годинава, со откупните претпријатија се потпишани 29 400 договори за 26 600 тони тутун

Loading