БЕЗ УНИШТУВАЊЕ НА СОЗДАДЕНИТЕ ВРЕДНОСТИ

Уставни промени

Македонскиот устав, како темел на македонската државност, од неговото донесување на 17 ноември 1991 година досега, има претрпено 36 амандмански промени. Меѓу нив, без никаков сомнеж, може да се каже дека нема ниту еден амандман кој има позитивен придонес за националното чувство и положбата на Македонците, како најбројна етничка заедница во Македонија. Напротив, сите амандмани кои се однесуваат конкретно на Македонците, се насочени кон намалување на нивните права во сопствената држава, како и кон повреда на нивното национално чувство, откажување од нивниот историски континуитет и намалување на употребата на нивниот јазик. Ова не би било чудно во окупирана држава, каде одлуките што се носат се во корист на окупаторот, а на штета на народот на таа држава. Но, чудно е во една демократска држава, па дури и во држава што припаѓа во групата на нецелосни демократии, според индексот ЕИУ, каква што е Македонија, двотретинско мнозинство од пратениците континуирано да гласа против својот народ, оној кој ги избрал. Ваквите одлуки не биле носени случајно, ниту лесно, ниту своеволно. Секогаш биле под меѓународен притисок, некаков диктат, неретко и под сериозна уцена. Многубројни министри, медијатори, високи претставници на оваа или онаа меѓународна институција доаѓале и вршеле притисок да “помине” она што тогаш било актуелно, да се изгласа уште нешто што е на штета на Македонците, за да останеме на вистинскиот пат кон “европските” вредности.

Во ништо не се разликува моменталната ситуација. Се бара внесување на бугарската етничка заедница заедно со други заедници во преамбулата на нашиот устав. Доаѓаа министри, претставници на ЕУ, вршеа притисок, за и ова да “помине”. Тие си ја одработуваат сопствената работа. Вршат притисок кај послабиот, покршливиот од двете страни да се согласи на условите на посилниот, и со тоа да се заврши работата. За нив ова не е ништо лично.

Ние мораме да бидеме свесни дека со ова би создале уште еден огромен проблем за Македонците, уште едни квоти за вработување за сите со бугарски пасоши, уште едни проблеми за македонскиот јазик, уште еден начин македонскиот народ да биде народ од трет ред во сопствената држава. Проблем за кој не сме сигурни дека нема да биде погубен. Притоа, не само што немаме никакви гаранции, туку бугарскиот претседател ветува нови блокади, а меѓународните претставници кажуваат дека со усвојувањето на овие уставни амандмани ќе останеме на европскиот пат, кон “европските” вредности.

Само луд на ова би се согласил!

Паралелно, и холандскиот и австрискиот амбасадор директно кажаа дека најважни за ЕУ се реформите кои не ги гледаат. Дури и кога би немале пречки од Бугарија, индиректно тие кажаа дека би имале пречки од нив. Истражувањата покажуваат дека државата е вратена многу години назад, во довербата во институциите, во квалитетот на образованието, во здравството, во нивото на корупцијата и владеењето на правото. Мораме да се откажеме од верувањето дека причинувањето на штета врз себе си ќе нé направи Европјани. Напротив, тоа е спротивно на вистинските европски вредности. Вистински ќе напредуваме кога ќе создаваме нови вредности за сопствениот народ и држава, наместо да ги уништуваме оние кои некој пред нас ги создал.

Антониј Мијоски

магистрант по математика во Стразбур, Франција

Текстот е преземен од ФБ профилот на авторот

Loading