ПУБЛИКАТА СЕ ТОПЕШЕ НА ПРИЛЕПСКАТА ИЗВЕДБА НА „ГЛЕМБАЕВИ“

Впечатоците по гостувањето на театарот во Загреб

“Силна, моќна претстава, една од најдобрите изведби на текстот од Мирослав Крлежа”.

Вакви беа впечатоците на публиката и на ансамблот, по гостувањето на театарот “Војдан Чернодрински” со “Глембаеви” по текстот на Крлежа, во режија на Бранко Брезовец, на 12 издание на фестивалот “Мирослав Крлежа” во Загреб, по повод 130 години од раѓањето на овој истакнат писател.

Јасмина Мицовска Станкоска, в.д директор на ЦК “Марко Цепенков” е среќна и горда од одличниот настап во Загреб.

-Убаво е чувството кога се добиваат пофалби за актерската игра со многу  радост и посветеност. Аплаузот е потврда за феноменалната игра. Горди сме што го претставувавме театарот и Македонија надвор од нашите граници. Благодарност до Министерството за култура  за поддршката и соработката. Продолжуваме да бидеме репрезенти на нашата култура – вели Мицовска Станкоска.

За актерот Даниела Иваноска, секое гостување е посебно чувство, необјаснива возвишеност на умот и духот.

– Гостувањето е мерило до каде сме, какви сме и колку нашиот театар, ансамбал успешно или неуспешно кореспондира во друга средина, во поинаква театарска стварност, пред друга театарска публика. Предизвик е гостувањето  со Глембаеви на Крлежа, во Загреб, на фестивалот посветен на Мирослав Крлежа, и тоа на македонски јазик. Крлежа за нив е библија, дел од генетскиот код, автор кому се посветени безброј истражувања, критики, институции, улици, настани… Се прашувам, како сега ние, на нивниот терен, со нивни автор, институција, ќе успееме да кажеме нешто повеќе, од тоа нивното сé, што го имаат за Крлежа?! Игравме во театарот Керемпух, во полна сала со луѓе од нашата фела, режисери, професори на академија, некогашни првенци, а сега во пензија, од ХНК и Керемпух, актери, композитори, сценографи, љубители и почитувачи на театарската уметност… Потеатарска публика, здравје… Претставата заврши, а аплаузот трае, трае, трае… Се враќаме на бис 4-5-пати. И пред Керемпух, луѓе чекаат со восхит во очите, среќни. Нé бомбардираа со пофалби, со епитетите фантастични, бравооо, каква претстава, каква актерска игра, фантастични… Ни велеа дека  ние сме го прочитале Крлежа точно и подобро, отколку Хрватите. Беше задоволство човек да ве гледа… Седев како мало дете во столчето и се топев додека ве гледав… Ауууу, си велам, што направивме. Горди сме сите, театарот “Војдан Чернодрински”, Прилеп… Какви ѕверови сме, хахахахах! “Фрчат” размени на контакти, муабети за соработка, пак да се видиме… Убавина! Домаќини за мерак! Третман, светски! Ние, горди, испофалени, среќни, насмеани, уморни, ама пресреќни! Загреб, ти благодарам за чувството со кое се вратив – го доловува амбиентот Иваноска.

Актерот Игор Трпчески вели дека покрај 15 часовното патување во една насока од Прилеп до Загреб, покрај жешкото време, со најтоплиот ден во историјата, неизмерна беше честа и задоволството од играњето на “Глембаеви” во државата и градот каде има најмногу и најголеми познавачи на неговото творештво. Во публика беа присутни првенци од ХНК, Гавела и Керемпух, како и многу театарски работници на фестивалот во спомен на Крлежа. Ова е второ гостување на претставата, но и покрај тоа бевме пречекани како што заслужува професионална екипа. Вниманието беше вчудоневидувачко. Повеќеминутниот аплауз беше вистинската радост и награда за нас. Фестивалот е репер како треба да се однесуваме кон домашните автори – вели Трпчески.

Loading