Вечерва од 19 часот во ликовната галерија од ЦК “Марко Цепенков” ќе биде отворена изложбата “Видување” со 15 дела од Анита Јовеска Сот. Сликите се впечатлива експресија визуелно изразувајќи лични индивидуални внатрешни импресии врз лицата на портретираните ликови.
– Портретот претставува можност за пронаоѓање начини за инвентивна и автентична манифестација на неговите физички и емотивни својства, со комбинирање и слободна креативна игра на разновидни ликовни елементи. Во колоритната експресивна изразност на портретите се одразуваат разнообразни сензации. Покрај емотивната величина која се пронижува во експресијата на ликот и поставеноста на рацете на портретираниот модел. Во раскошните експресивни композиции, умешно се обликува формата со примена на силни колоритни топло-студени и комплементарни контрасти за одразување на моќна чувствена изразност и драматичност, и со употреба на контраст на линиите за создавање на динамична вибрантна ликовна содржина. Со сопствените лирики, автентични и драматични креации, се создава единството во композицијата по пат на доминанта, поставувајќи акцент на емотивната експресија на портретот. Илустрираните зборови и изрази, досетливо проткаени низ многуслојните и прозрачни површини креираат богат симболичен поттекст – вели м-р Викторија Димеска, историчар на уметност.
Јовеска е дипломец на НЛА во Софија, Бугарија од 2008 г. Работи и твори во Прилеп како професор по ликовна уметност. Како академски сликар, делата ги изработува во мешани медиуми, вклучувајќи многу матријали. Трагајќи по свој сопствен ликовен јазик и идентитет, истражува во доменот на различните сликарски техники. Изложувала во Македонија и во Бугарија.