Марјан Стојаноски во Кочани

Изложба

Авторот Марјан Стојаноски, во скулптуралната поставка во НУЦК “Бели мугри” во Кочани, отворена синоќа, ги дава досегашните остварувања, каде неговиот творечки интерес во континуитет се движи меѓу две литерарно уметнички теми на инспирација, актуелизирањето на Мѕтхос во современата уметност како желба на модерната епоха да ја има во своите карактеристики, и пројавувањето на Логос-от во креативните интерпретации (т.е. желбите на постмодерната епоха). Претходниот опус “Феникс”, неизбежно се влева и во поновиот циклус “Панта реи”, при што е внесен и онтолошкиот, и историскиот момент при градењето на скулптуралната нарација. Мешовитите дела отвораат нови појдовни хоризонти, кои, заради поголема прегледност и заради нивната естетско- семантичка експресија на изразот што го носат, се делат во три скулптурни збирови.

– Скулптуралните делови се во рамката на постмодерниот момент на знаковноста која се стреми да ја достигне својата целовитост во слободен и потполн симбол. Низите на форми раѓаат нови волумени. Рамнотежа меѓу лежиштата на телата често е остварена во исклучително тешки спојни точки на балансот од конструктите; комбинирањето на својствата на елементите нудат  нови соодносни квалитети и неочекувани тактилни дразби. Впечатливи се и споевите на стакло со метал, соодносот на дрво со метал; тродимензионираните точки на бесконечноста кои се земени од ликовноста на ренесансната перспектива и се претворени во топки; лепењата на металните полирани плохи со други структури од поинаков тип на метал; интересни се и волуменизираните легури од заварувањето во функционалната игра со просторот, и делуваат како омекнувачи на границите на оштрата издвоеност на металната линија од надворешноста, но и сите оние микроструктури што создаваат детали, многу важни за општиот суд за делото – посочено е за изложбата на авторот.

Стојаноски, до крајот на годината, ќе изложува во Радовиш, во Загреб, а ќе заврши со претставување во КИЦ на Македонија и во Истанбул.

Стојаноски годинава постави две монументални дела во Велес и во Кавадарци.

Loading