ЖИВОТОТ ВО ПЕСНА

 Деветте зелници на Цена Митрикеска во антологија

Песната е посветена на прилепчанка, мажена  на Варош

Фицирот и Шинде ја компонириле во Јадран

Фамилијата преброила 2040 члена

„Да ти пукни мила мамо најмилото,

што ме даде надалеку, надалеку пусти Варош,

Митрикевци многу луѓе,

сум месила девет зелници,

ред не дојде јас да каснам“

Ова е песната која ја отсликува и опејува фамилијата на Митрикевци од Варош. Секое славеење во фамилијата започнува со таа песна.

– Убаво е да биде опеан животот на една фамилија. Среќни и горди сме. Песната е посветена на мајка ми Цветанка, која од Прилеп се омажила во Варош. Била убава жена, која, на прв поглед, се бендисале и се зеле со татко ми Сотир. Мајка ми беше весела жена. Ја сакаше песната – кажува Круме Митрикески.

Манџа во аранија

Песната се родила спонтано, во шегаџиско друштво,  собрано во кафеаната Јадран пред 60-тина години. Татко му Соте Митрикески, со своите пријатели Цане-Манта, Дебеломесо, Ице-Касапот, Џуша Влавот мезеле и “лафеле”. Сотир Митрикески им кажал на другарите дека сопругата не можела да нахрани 32 члена од фамилијата.

–  Другарите го прашале како успеа да ја излажеш и да ја земеш Цена, арна жена од Прилеп. Татко ми одговорил: -Цена е арна и убава, ама не може да нарани 32 души од фамилијата Митрикеска. Манџа во котел, аранија прави, девет зелници меси и не може да нé нарани. Слушнале музикантите Шинде и Фицирот и први ја составиле песната за Митрикевци. Станала популарна. Ја пееле по кафеани, на свадби. И сега е препеана со посовремени инструменти. Брат ми Методија е задолжен за касетата со песната за нашата фамилија да допре до нашите распрскани по светот –  раскажува Круме Митрикески.

Голема фамилија

Митрикевци ги има насекаде. Сите се почитуваат меѓу себе. Круме Митрикески кажува дека неговиот брат Методија, заедно со внуците направил родослов – стебло со претците.

– Многу сме. Успеа да запише 2040 членови. Дури и не се познаваме сите. Обично внуците се крстени по некој од претците. Кога  ќе се родело машко дете името живеело уште сто години. Претците имале по седум – осум деца. Во Митрикевци ретко имало помалку од четири деца – вели Круме Митрикески.

Фамилијата била дисциплинирана. Дедо му на Круме, Орде, не зборувал многу, но сé што ќе кажел се почитувало. Бил авторитет. Сакал дисциплина. Секогаш велел дека жената треба да раѓа деца и да биде послушна. Секогаш бил наклонет повеќе кон ќерките, отколку кон синовите.

– Пред да се “постели” синијата, почнуваше да кажува што треба да се сработи наредниот ден. Петре да оди со илјада глави овци, Рампо и Димко со караванот по риби во Охрид, Сотир и Благоја на жнеење, а Владо да ја поправа куќата. За тутунот биле задолжени снаите Маре и Тодорка, а Цена за домашните работи. Да зготви и да меси. Немало преправање на распоредот – објасни Круме.

Фамилијата ја имала единствена рибарница. Носеле риби со караван во кошници од Охрид. Продавале и ортоми. Одгледувале добиток. Не се памети од кога Митрикевци се доселени. Но, преку песната го “прошетала” светот.

Објавено во Зенит бр. 44 од  6 март 2009 г.

Loading