ПИВОВЕСТ СО УЧИЛИШНОТО ЅВОНЧЕ

И портокаловата фаза е во прилог на разладувањето со горкиот пенлив вкус на најпопуларниот пијалак чија традиција на производство во градов е стара еден век. И Петровденските пости завршија и слободно може да се ужива во вкусот на далеку прочуената прилепска скара. Предусловите се идеални, арно ама фактичката состојба е дека во вообичаениот термин, првиот викенд после 12 јули е без пивска фешта. Без навлегување во причинско – последичните факти зошто нема викендов Пивофест, зрак надеж дава изјавата и ветувањето на градоначалникот Борче Јовчески дадена пред советниците.

Фестивал на пивото и скарата ќе има со првото училишно ѕвонче. Кога учениците ќе седнат во клупите, мераклиите на пиво ќе се фатат за криглите. Ако може да му се верува и да се држи за збор, првиот човек на градов ќе го обели образот на “виновниците” и ќе се потруди да продолжи традицијата за одржување на манифестацијата популарно наречена Пивофест. Градоначалникот Борче Јовчески, на говорница на последната седница на Советот, пред советниците изјави дека  20-то јубилејно издание ќе се одржи од 31 август до 3 септември. Деталите за настанот ќе ги соопштеле наскоро и фестивал сепак ќе имало. Доколку се откажува Пивофест, советниците од опозицијата бараат парите предвидени од буџетот на општината за фестивалот (1 милион денари), да се прераспределат за спорт и рекреација.

Помина Петровден, ќе дојде и Голема Богородица. Ќе чукне училишното ѕвонче и саатот за Пивофест…

Ако не, по Петковден, зошто да не?!

Loading