И ДАБНИЦА, КАКО ВАТАША

Воодушевен од скромната, но импресивна комеморација за годишнината од стрелањето на 13 младинци од селото Ваташа кај Кавадарци во втората светска војна пред 80 години, прилепскиот пензионер Михајло Калчоски, кој живее во Скопје, изрази готовност за поддршка на сличен мултимедијален проект за годишнината од маскарот на десетте дабничани пред 81 година во месноста Дабнички завој.

-Душата ми трепереше и срцето ми плачеше на импресивната композиција на стиховите, инструменталната музика и хорската музика низ  светлосната визуелизација на просторот со песната “Цветови” од Славко Јанески и на песната за Ваташа на споменикот на стреланите млади кој годинава беше збогатен со статуите на деца. Не помало е значењето на дабничките жртви есента 1942 година. Ги поттикнувам локалните власти да организираат слична комеморација на 19 септември годинава. Подготвен сум да го поддржам збогатувањето на одбележувањето на настанот од пред 81 година. Не треба да се слават стреланите само со поклонување и полагање на цвеќиња на обновениот споменик. Нужни се иновации во дослух со времето за предизвикување на почит и кај младите генерации, растени во слобода – вели Калчоски.

Инаку, пред неколку години беше поставен нов споменик во месноста Дабнички завој, откако вандали го откорнаа и ги украдоа деловите на бронзената скулптура.

Loading